[Видео] „Ретка песна“ – млади снимија песна за поддршка на лицата со ретки болести

Деновиве цел Охрид блеска во боите на ретките болести со осветлувањето на значајни историски споменици и објекти, а поддршка на лицата со ретки болести доаѓа и од најмладите, односно од децата членови на ФА „Бисери“, хорот „Весели бисерчиња“ и дуото „Black Moon“ кои под раководство на Татјана Узуноска Тренеска ја снимија песната насловена „Ретка песна“, информираат од иницијативата „Ретки Болести – Охрид“.

Мила Тренеска од дуото „Black Moon“ вели дека песната се родила спонтано и била инспирирана од кампањата за ретки болести.

„Веќе четврта година вредно работиме во одржување и изучувањето на традицијата. Учевствуваме на концерти, фестивали, турнеи, во Македонија и надвор, како амбасадори на нашата традиција и култура. Но, кога се работи за хуманост и подигнување на човечката свест, посебно ме исполнува и инспирира. Покрај учество на концерти, фестивали, турнеи, секогаш се вклучуваме во хуманитарни настани, како учесници, а често и како организатори, што ми претставува посебна гордост. Веќе четврта година сме вклучени во кампањата за ретки болести, а оваа година спонтано, со посебна инспирација, се роди песна, која ги израдува дечињата членови на хорчето ‘Весели бисерчиња’, оркестарот и пејачката група. Се почувствувавме среќни и горди, што и ние ќе дадеме еден мал придонес за децата со ретки болести“, вели Тренеска.

Како што информираат од иницијативата „Ретки болести – Охрид“, се одбројуваат последните денови од националната кампања „Ги запознаваме ретките болести 2021“, за која велат дека била исполнета со многу позитивна енергија која била пренесена од граѓаните и институциите.

Во склоп на кампањата која се организира трета година со ред, јавноста преку десетици медиуми имаше можност да се запознае со 28 ретки дијагнози во аудио, видео и текстуална форма.