[Видео] Pussy Riot со критика за корумпираниот јавен обвинител на Русија

Поминаа речиси четири години откако Pussy Riot, рускиот анархо-панк, феминистички бенд го го снимија својот спот за песната „Панк молитва – Мајк божја, избркај го Путин!“ на олтарот на Катедралата на Исус Спасителот во Москва.

Оттогаш, беа уапсени за нивните антивладини ставови, беа судени, затворени и на крај, после интервенцијата на здруженијата за заштита на човекови права и интернационалните медиуми, беа ослободени. Сепак, ништо не ги спречи да продолжат да објавуваат нови песни, видеа и статии, сѐ со цел да се борат со неконтролираната корупција во режимот на Путин.

Деновиве го објавија својот најнов музички спот, CHAIKA, за песната именувана според актуелниот јавен обвинител на Русија, Јуриј Чајка.

Чајка беше актуелен во медиумите низ светот во последно време, кога активистот Алексеј Навални објави филм онлајн во кој ги обвинува семејството и соработниците на обвинителот, особено неговиот син, дека имаат директни врски со руската мафија, и дека самиот Чајка е вмешан во корупцијата.

Од објавувањето на филмот, руската влада ги негираше обвиненијата и одби да го коментира видеото на медиумите контролирани од власта. Кремљ усвои и неколку закони кои ја зголемуваат владината контрола на содржината која се објавува на Facebook, Twitter и YouTube, па дури и да ги блокираат.

Vice разговарале со пејачката на Pussy Riot, Надја Толоконикова, за тоа зошто решиле да ја снимат CHAIKA, и зошто сметаат дека ситуацијата во Русија се влошила од револуцијата во 2012 година.

VICE: За што е вашето најново видео?

Толоконикова: CHAIKA е порака од врвен путинистички службеник до неговите следбеници и синови. Тоа е туторијал за тоа како да крадете пари, да напаѓате претпријатија, да ја праќате конкуренцијата во затвор или физички да ја елиминирате. Исто така е за тоа што треба да правите не само за да избегнете да одите во затвор, туку и да просперирате.

VICE: Зошто е важно јавноста да дознае за Јуриј Чајка?

Толоконикова: Чајка е генерален јавен обвинител на Руската Федерација. Откако стапи на оваа функција во 2006, нема извршено ниту една поголема истрага. Чајка е повеќе од неталентиран, просечен службеник. Тој е олицеторение на типичен модерен протагонист – нормален претставник на руската современа државна мафија.

Михаил Зигар, поранешен извршен уредник на Rain, единствениот независен ТВ канал во Русија, ја дискутираше улогата на канцеларијата на обвинителот во неговата книга  „Сите луѓе на Кремљ“.

„Канцеларијата на генералниот јавен обвинител стана пример за политички волонтеризам. Ја изврши политичката волја на Кремљ на најгрубиот начин, често не земајќи ги предвид човековите права. Се претвори во совршено одржувана репресирачка машина која работи како подмачкана“, пишува тој.

Прилично парадоксален систем на вработување е користен во руската армија и правосудните авторитети од 2000 година, односно откако Владимир Путин стана претседател. Искрените обвинители, полицајци и судии не профитираат во моменталниот правосуден систем. Напротив, оние кои знаат како да слушаат и да започнат кривичен спор против некој кој им застанал на патот, се многу побарувани. Бев во истото затворско крило со поранешна инспекторка. Станала инспектор поради желбата да прави добро откако изгледала многу филмови за добри полицајци во нејзиното детство. Во затвор ја пратил нејзиниот поранешен сопруг, полицаец.

Во 90-тите им помагала на луѓе да решат случаи против лошите полицајци и злокобното обвинителство, и тоа ја правело среќна. Во 2003, си заминала од работа бидејќи не ѝ била веќе интересна. Никој повеќе не требало да биде испитуван и само послушноста и тврдокорната лојалност кон претпставените биле високо наградувани, како и прекршувањето на законот доколку е потребно.

VICE: Како реагираше народот на Русија на овој скандал? Слушаат ли воопшто за него?

Толоконикова: Според неодамнешни анкети, 38 посто од Русите кои се свесни за постоењето на филмот „Чајка“ сметаат дека корупциските шеми и врски со криминалните групи прикажани во документарецот се типичен феномен кој им помага на современите руски власти да го одржат редот.

Луѓето често велат: „Но, која е мафијата денес? Само корупцијата е во цут во нашата земја. Мафијата и корупцијата… а државните власти се тие кои одржуваат сѐ под контрола. Што можеме да направиме?“.

VICE: Колку е проширена корупцијата во руската влада денес?

Толоконикова: Системот на државните власти не е само инфициран со корупција, туку е цврсто основан на неа. Ако судија ослободи некого деновиве, неговите колеги веднаш се сомневаат дека е поткупен. После неколку такви пресуди, судијата најверојатно би бил отпуштен бидејќи неговите претпоставени се зачудени што тој/таа примил мито и не го поделил со нив. Токму затоа стапката на ослободувања во Русија е само 0,4 посто.

VICE: Што треба да се случи за да се изборите со оваа корупција – и внатре во Русија и во интернационалната заедница?

Толоконикова:

  1. Да се одбие да се учествува во корупцијата
  2. Да се објават доказите кои потврдуваат постоење на разни видови на корупција
  3. Шише водка

VICE: Видеото е високо стилизирано. Кажете ни за креативниот процес низ кој поминавте за да ја смислите естетиката која ја гледаме во видеото.

Толоконикова: Руските власти не ни можат да ја дефинираат својата естетика, па моравме да им помогнеме. Ова видео претставува три естетски елементи генерално промовирани од државата, од кои искрено се гадам:

  1. Позлатување на сѐ за да се прикрие гнилото јадро внатре – што може да се види во златната векна леб и сите „коклома“ дизајни
  2. „Зона“ – прикажана преку затворскиот камп каде сите затвореници се измачувани
  3. Фашистичка популистичка националистичка естетика – прикажана преку двоглав галеб, кореографијата на жените-обвинителки и танцовите во севернокорејски стил

На почетокот бев скептик за тоа како овие три елементи ќе изгледаат заедно во едно видео, но со тек на времето се смирив. Сфатив дека ако ништо нема смисла заедно, тоа не е наша вина, бидејќи видеото треба да биде за одвртните естетски избори на нашите владини службеници.

VICE: Што е конкретното значење на некои од сликите и темите кои ги гледаме, како ненаситноста, златниот леб, железото итн?

Толоконикова: Ненаситноста ги симблизира основните вредности на руската владина мафија. Тоа е најперфектниот пример на незаинтересираноста, празнината, вишокот, бескрајните обиди за заситување со материјална сопственост и врвна дволичност, кои може да се посведочат во обидот да се промовираат виши морални вредности на граѓаните. Кога бевме да купиме обвинителски униформи, најмалата величина која можеше да се најде беше шест броеви поголема од тоа што било која од нас носи.

Позлатениот леб ја претставува познатата грда позлатена векна леб најдена во резиденцијата на Јанукович кога побегна од земјата после Украинската револуција во 2014. Се појавува во видеото како потсетник до Путин дека ништо не трае засекогаш. Железото, јажињата, камшиците и лисиците се класични алатки за мачење, природни атрибути на руските државни власти.

VICE: Во оваа песна преминавте на рап, место вашите традиционални панк рок мелодии. Беше ли тоа смислено? Зошто рап?

Толоконикова: Случајно! Кога правиме музика заедно, или со некој друг, целта е секогаш да се создаде нешто најчудно што е можно. Со оглед на тоа што рапот е многу чуден и невообичаен за Pussy Riot, ја завршивме нашата мисија со тоа.

VICE: Поминаа речиси четири години од вашата изведба/протест во Катедралата на Исус Спасителот. Мислите дека ситуацијата во Русија денес е полоша, подобра или непроменета оттогаш?

Толоконикова: Русија се претвори во различна земја од 2012 година. Најтешкото откритие се случи во февруари 2015, кога сфативме дека не само што можеш да бидеш затворен, можеш да бидеш и убиен во центарот на Москва поради твојата политичка активност. Многу луѓе уште не можат да поверуваат дека Борис Немцов, рускиот политичар, е мртов.

VICE: Што се надевате дека ова видео ќе направи за луѓето на Русија и светот?

Толоконикова: Pussy Riot бара итна истрага на генералниот јавен обвинител Чајка и неговото семејство, како и истрага на сите врвни службеници во неговата канцеларија. Се надеваме дека видеото ќе помогне да ги убедиме луѓето дека не можеме да живееме во држава во која најмоќниот службеник во правосудниот систем е најсветол симбол на корупција и убиство. Pussy Riot се надева дека луѓето низ светот ќе ни помогнат да го искажеме нашиот бес и да ја претвориме Русија во земја каде луѓето како Чајка нема веќе да постојат.

VICE: Што е следно за Pussy Riot?

Толоконикова: ФСБ (Федералната служба за безбедност, порано КГБ) знае.

Dory Carr-Harris