[Видео] Протест во Струмица против рудникот „Иловица-Штука“

Стотици граѓани со порака „Сите против рудникот на смртта“ денеска излегоа на протест во Струмица и го блокираа кружниот тек и транзитниот пат на излезот од градот.

Од еколошкото здружение „Здрава Котлина“, кои го организираа протестот, испратија две барања до властите: Владата итно да ја одземе концесијата на компанијата „Еуромакс Рисорсис“ и Собранието да ги изгласа измените во Законот за металични и минерални суровини.

„Целта е на оваа блокада е на сите надлежни државни институции заеднички да им покажеме дека трпението е изминато и дека проблемот мора да се реши во полза на општиот интерес на граѓаните од целиот регион. Немаме никакви политички заднини и дејствуваме исклучиво надполитички и надпартиски, како и досега. Воздухот, водата и почвата немаат партиска определба. Фаталните отрови и болестите предизвикани од нив не бираат според партиска припадност“, посочија организаторите.

„Ова ќе биде прва и Предупредувачка Блокада и ве повикуваме масовно да учествувате и да се приклучите во отпорот против рудникот, кој сите егзистенцијално не’ загрозува. Само заедно можеме да се спасиме од заедничката опасност. Ние немаме намера да се селиме од нашите домови. Ние нема да дозволиме нашите и животите на нашите поколенија да бидат загрозени од бескрупулозна компанија, чија единствена цел е профитот, по цена која сите ние крваво ќе ја платиме“, додаваат од здружението.

Од „Здрава Котлина“ испратија и порака дека ќе следат порадикални активности доколку не бидат усвоени нивните барања.

Од „Еуромакс Рисорсис“ преку соопштение велат дека не биле контактирани за денешниот настан и дека не се залагале за негово спречување.

„Еуромакс Ресоурцес сака да истакне дека ги поддржува сите невладини здруженија и активности организирани согласно домашната законска регулатива и ја поздравува секоја активност која се залага за заштита на животната средина и здравјето на луѓето. Но, според нас, тоа не мора да биде на сметка на добросостојбата и просперитетот на локалната заедница“, стои во соопштението на компанијата.

Активистите изминатиов период постојано апелираа до владата да го раскине договорот за концесија со „Еуромакс Рисорсис“ поради незаконско работење, обвинувајќи ја компанијата дека континуирано лаже и манипулира за наводна безопасност на рудникот со цел да ја добие дозволата за работа, а потоа да ја продадат концесијата без оглед на опасните последици по граѓаните.