Видео проекција на дела на Христина Иваноска вечерва во МСУ

Во Музејот на современа уметност во Скопје, во организација на КСП Центар – Јадро, вечерва во 21 часот ќе се одржи видео проекција и дискусија со визуелната уметница Христина Иваноска во разговор со кураторката Јованка Попова.

На настанот публиката ќе има можност да ги погледне видеата „Именување на мостот: Роса Плавева и Накие Бајрам“ (2006), „Документот што недостасува: Перформанс бр. 5 (три акции)“ (2017), „Документот што недостасува: перформанс бр. 8 (Писмото)“ (2018), „Документот што недостасува: Перформанс бр. 9 (Атрибутите на имагинацијата)“ и „Moving in Still Time: A Series of Consecutive Exercises“ (2020).

Христина Иваноска е родена во Скопје во 1974 година. Преку својата уметничка практика таа се интересира и ги истражува прашањата поврзани со потиснувањето, контролата и градењето на колективната меморија во однос на стратегиите и политиките на отпор на жените, критички осврнувајќи се кон искуствата на денешните социјални и политички системи и нивната поврзаност со теоријата и историјата.

Таа создава објекти, текстови, цртеж, видео, перформанс и инсталација, често интердисциплинарно, давајќи ѝ вредност на рачната работа како што се везот, ткаењето, грнчарството и пачворкот, како медиум од политичка и општествена вредност преку која се изразува индивидуалната борба и ограничувањата.

Ивановска изложувала во Музејот „Лудвиг“ во Будимпешта, МОМУС Експериментален центар за уметност во Солун; на 2. Меѓународно биенале за современа уметност „Аутострада биенале“ во Призрен, во Кунстхале Дармштат, во Музејот на современата уметност во Загреб, Музејот за скулптура – Палата „Коликарнија“ во Варшава, Истражувачки павилјон на 57. Уметничко биенале во Венеција, во Mузејот на современата уметност во Скопје, во Националната галерија на Македонија, МУМОК – Виена, Кунстлерхаус во Грац, во Националниот музеј за современа уметност во Букурешт, во Државниот музеј за современа уметност во Солун, Словачката национална галерија во Братислава; на енГебеКа во Берлин; во Aсоцијацијата за современа уметност во Грац, во Констхал Ц во Стокхолм, Mагазин 4 – Брегенц Кунстверајн, во Mузејот на современата уметност во Белград и на многу други места.

Во моментов е докторски кандидат по ликовни практики на Академијата за ликовни уметности во Виена. Јованка Попова е родена во 1980 година во Скопје. Таа е куратор во Музејот на современата уметност – Скопје и куратор и програмски координатор на Проектниот простор „Прес ту егзит“. Докторант на Факултетот за медиуми и комуникации СИНГИДУНУМ во Белград.

Магистрирала на Институтот за Историја на уметноста, насока – современа уметност на Филозофскиот факултет во Скопје. Работела на повеќе домашни и интернационални кураторски проекти. Во 2019 била куратор на македонскиот павилјон на 58. Венециско биенале.

Како дел од програмата на неколку меѓународни конференции и симпозиуми одржала презентации и предавања на Хумболд Универзитетот во Берлин, Гете Универзитетот во Франкфурт, Централноевропскиот Универзитет во Будимпешта, Ханкун универзитетот за надворешни студии во Сеул, Кунстисторишес институтот во Фиренца, Норвешкиот универзитете за наука и технологија во Трондхејм, Бахчешехир Универзитетот во Истанбул и многу други. Попова е претседател е на AICA Македонија – здружение на ликовни критичари, историчари на уметноста и кустоси кои дејствуваат на полето на модерната и современа уметност.