[Видео] Приврзаниците на Трамп упаднаа во американскиот Конгрес – во Вашингтон воведен полициски час

Во тек е евакуација на членовите на Претставничкиот дом и Сенатот од зградата на американскиот Конгрес во кој денеска упаднаа приврзаниците на претседателот Доналд Трамп, јавуваат американските медиуми, пренесува „Ал Џазира Балканс“.

Демонстрантите се обидоа да влезат во салата каде се одржуваше заедничката седница на двата дома на парламентот на која требаше да се потврди победата на Џо Бајден на изборите.

Поддржувачите на Доналд Трамп се судрија со полицијата. Репортерот на „Ал Џазира“ посочи дека ситуацијата пред Конгресот е хаотична.

Градоначалникот на Вашингтон, Муриел Броузер објави полициски час од 18 часот. На пратениците во Конгресот им беше кажано да најдат засолниште, а вратите се заклучени откако демонстрантите успеаа да влезат во зградата. Неколку членови на Когнресот на Твитер напишаа дека се на безбедно.

Илјадници поддржувачи на претседателот Трамп кој изјави дека „никогаш“ нема да го признае поразот, се собраа во Вашингтон на протест во очи на средбата на Конгресот на кој се очекува да се потврди победата на Бајден.