[Видео] Повеќе од 100 лица уапсени низ Русија додека му оддавале почит на Навални

Групи неидентификувани луѓе вчеравечер во повеќе градови низ Русија ги отстранија цвеќињата и другите почести за опозицискиот политичар Алексеј Навални, покажуваат снимките кои се шират на социјалните мрежи. Во меѓувреме, повеќе од 100 луѓе се уапсени ширум земјата поради положување цвеќе во спомен на Навални на различни места, соопшти мониторинг организацијата „ОВД-Инфо“, јавува Радио Слободна Европа.

Исто така, полицијата утрово по локално време, го блокираше пристапот до споменикот во Новосибирск, каде што беа уапсени неколку луѓе кои се собраа во спомен на Навални.

Во Уљановск, луѓе во цивилна облека веднаш ги отстранија цвеќињата од еден споменик и ги фотографираа лицата кои дојдоа да оддадат почит.

„ОВД-Инфо“ објави дека 56 лица се приведени во различни окрузи на Санкт Петербург, каде полицијата го растури собирот. Меѓу приведените се и фотограф на „Новаја газета“ и дописник на „Русњуз“.

Петнаесет лица се уапсени во Нижни Новгород, а 11 се приведени во Москва, објави мониторинг организацијата. Неколку апсења се пријавени и во Таганрог, Брјанск, Краснодар, Твер, Ростов на Дон, Мурманск и Белгород.

Во Москва полицијата дежураше на камениот споменик на жртвите на политичката репресија на плоштадот Лубјанка. Според „Комерсант“, најмалку 1.000 луѓе дошле до споменикот да положат цвеќе и да му оддадат почит на Навални.

Навални почина вчера откако по прошетка се почуствувал лошо и речиси веднаш изгубил свест.

Почина истакнатиот руски опозиционер Алексеј Навални