[Видео] Повеќе од 1.000 приведени на протестите во Белорусија – меѓу нив најмалку 23 новинари

Белоруската полиција вчера, за време на протестите во државата на кои се бара оставка од претседателот Александар Лукашенко и нови претседателски избори по спорните избори во август, уапси повеќе од 1.100 лица, јавува „Радио Слободна Европа“ (РСЕ).

Повеќето приведени се во Минск, соопштуваат од организацијата за човекови права „Вјасна“, каде безбедносните сили употребиле солзавец и шок бомби за да ги растераат илјадниците демонстранти. Две лица биле претепани од маскирани безбедносни службеници во еден маркет.

Досега, според организацијата „Вјесна“ од почетокот на протестите се приведени над 25.000 лица, додека вчера беше забележан најголем број на приведувања за еден ден. Меѓу приведените има и најмалку 23 новинари, во Минск, но и во другите градови во Белорусија, соопштија од Белоруската асоцијација на новинари.

Демонстрантите ги носеа, сега забранетите, бело-црвено-бели знамиња кои станаа симбол на опозицијата во Белорусија и носеа плакати во знак на сеќавање на Раман Бандаренка, 31-годишниот демонстрант кој почина во болница на 12 ноември, откако наводно бил претепан од маскирани безбедносни сили. Демонстрантите скандираа „Излегувам“, последните познати напишани зборови на Бандаренка и други пароли како „Лукашенко! Трибунал!“.

Мобилниот интернет беше прекинат, а неколку станици од метрото во центарот на главниот град беа затворени, додека неколку улици и плоштади беа опколени од полицијата.

Полицијата вчера приведуваше луѓе и на помали протести во градовите Гомељ, Гродно, Могилев и на други места.

Лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја, која смета дека изборите се наместени во корист на Лукашенко и која се смета себе си за вистински победник, акцијата на полицијата врз демонстрантите ја опиша како „уништувачка“ и повика на меѓународна поддршка за демонстрантите.

„Бараме од нашите сојузници да се залагаат за белорускиот народ и за човековите права. Потребен ни е хуманитарен коридор за повредените, поддршка за медиумите и меѓународна истрага за злосторствата“, напиша таа на Твитер.

Ширум Белорусија речиси секојдневно се одржуваат протести на кои се бара оставка од претседателот Лукашенко.