Илјадници оддадоа почит на човекот кој бил смртно претепан од белоруската полиција

Илјадници луѓе со цвеќиња во рацете се собраа вчера во Минск за да му оддадат почит на 31-годишниот маж кој наводно бил претепан до смрт од маскирани белоруски безбедносни сили, јавува „Радио Слободна Европа“.

Очевидци сведочат дека мажи во цивилна облека го киднапирале Раман Бандаренка на 11 ноември по расправија на еден од плоштадите каде што дошле да ги отстранат црвено-белите ленти кои го претставуваат опозициското претостно движење против претседателот Александар Лукашенко.

Од Министерството за внатрешни работи соопштија дека „непознати лица“ се тепале, а кога пристигнала полицијата повикале брза помош за да го пренесат повредениот Бандаренка во болница.

Сведоци пак, велат дека брза помош не дошла, и наместо тоа дека маскираните лица одвеле неколку лица во возила, слични на оние што ги користеле безбедносните сили.

Бандаренка бил примен во одделение за итни случаи со сериозна траума на главата, по што починал на 12 ноември.

Лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја која пребегна во Литванија поради закани кон неа и нејзиното семејство, го опиша Бандаренка како херој.

„Тој стана жртва на нехуманоста и теротот на режимот само затоа што беше активен Белорус кој тежнееше кон слобода“, рече Тихановскаја.

Лукашенко кој владее со Белорусија веќе 26 години се соочува со речиси секојдневни протести на кои се бара негова оставка по претседателските избори од 9 август, за кои опозицијата вели дека се лажирани и кои Западот одбива да ги прифати. Неколку демонстранти досега се убиени, а илјадници луѓе уапсени откако властите го прогласија Лукашенко за победник на изборите.