[Видео] Полицијата приведе жена која протестираше качена на Статуата на Слободата

Полицијата во Њујорк ја уапси жената која вчера се искачи на Статуата на слободата во протест на Денот на независноста на САД, против политиките за имиграција на администрацијата на претседателот Доналд Трамп.

Жената била искачена на постаментот на височина од 30-тина метри и таму поминала четири часа, пред двајца полициски службеници да стигнат до неа и да ја приведат, пренесува Гардијан.

Драматичните сцени биле пренесувани во живо на телевизиските програми, додека полицајците ја следеле демонстрантката која се обидела да се искачува и на самата статуа.

„Таа била мирно приведена, без никакви повреди од нашите службеници, фала му на Бога. Целата ситуација е завршена“, изјавил портпаролот на Националната служба за паркови, Дејвид Сома.

Тој додал и дека обвинителството ќе одлучи дали против жената ќе биде подигнато обвинение.

Претходно, истиот ден, најмалку шест демонстранти биле уапсени околу Статуата на слободата откако поставиле транспарент на постаментот со порака за укинување на „Ice“ – Агенцијата за спроведување на имиграциските политики.

Активистите од групата „Побуни се и давај отпор“ (Rise and Resist) изјавиле дека транспарентот бил поставен во протест против имиграциските политики на „нулта толеранција“ на администрацијата на Трамп, поради која многу семејства биле разделени на границата.

Првично од групата изјавиле дека протестот на приведената демонстрантка не бил дел од нивниот протест, но подоцна информирале дека таа била заедно со нив, иако качувањето на Статуата на слободата не било во плановите на организацијата.

Статуата на Слободата во минатото била центар на голем број анти-воени и про-имиграциски демонстрации.