[Видео] Погледнете го „Same“ – краток анимиран филм на Ферди Јајаи

„Same“, односно „Исти“ е краток анимиран филм на режисерот и дизајнер Ферди Јајаи.

Преку филмот, кој е отсечок од животите на двајца луѓе чии приказни се испреплетени по пат на случајност, Јајаи вели дека сакал да пренесе универзална порака дека и покрај сите наши разлики, луѓето во суштина се многу слични едни на други.

„Нарацијата во филмот има за цел да ги потенцира репетитивните и секојдневно сизифовски задачи зад чија баналност се крие едноставност која не обединува. Намерно сакав изгледот на ликовите, нивните рутини и дом да изгледаат речиси идентично, а наспроти тоа се развива приказната на конфликтот репрезентиран преку насилство. Причината за конфликтот не се објаснува, но видливи се последиците врз животите на овие навидум безлични луѓе. Не сакав да има зборови во филмот, за да се потенцира универзалноста на проблемот и сакав комуникацијата да ја остварам на едно поинакво ниво, односно да ја сведам на гестови и динамика“, објаснува Јајаи.

Ова е прв анимиран филм на Јајаи, кој вели дека подолго време се занимава со илустрација и анимација.

„Интензивно работев на креирање на филмот околу три месеци, но самата идеа и визуелните решенија ги размислував и обмислував речиси една година. Користев Illustrator и Photoshop за цртање на илустрациите“, објаснува тој.

Анимираниот филм „Same“ можете да го погледнете во продолжение: