[Видео] По 9 дена пронајдени живи исчезнатите 12 деца во пештера во Тајланд

12-те момчиња и нивниот фудбалски тренер заробени во пештера во Тајван беа пронајдени живи од нуркачки тим, откако девет дена се водеа како исчезнати.

Спасувачките тимови сега се борат со растечкото ниво на водата за да ја снабди групата со храна и други потребни средства. Заробените деца сепак ќе останат во пештерата и ќе мора или да научат да нуркаат или да чекаат неколку месеци за водите да се повлечат пред да можат да излезат. Според војската, тие ќе треба да бидат снабдувани со храна во следните четири месеци.

Според информациите, се прават обиди да се инсталира струја и да се воспостават телефонски врски во пештерата за децата да можат да контактираат со нивните родители.

Децата биле пронајдени од двајца британски нуркачи кои се вклучиле во заедничките спасувачки акции. Видеото од првиот контакт беше поставено на Фејсбук од тајландските специјални нуркачки тимови од армијата.

Децата се забележани како седат со факели на карпа над водената површина, одговарајќи на нуркачите дека сите 13 луѓе се живи и дека се многу гладни.

Тие ги прашуваат нуркачите колку време ќе биде потребно да ја напуштат пештерата на што добиваат одговор дека ќе треба да почекаат, но дека луѓе ќе дојдат по нив. Едно од момчињата на тоа одговара: „Ох. Се гледаме утре“.

Потрагата по групата беше во фокусот на целиот Тајланд, бидејќи беше неизвесно дали децата ќе бидат пронајдени и дали сè уште се живи.

Семејствата на исчезнатата група биле пресреќни по веста за нивното пронаоѓање.

Момчињата, на возраст од 11 до 16 години и нивниот 25-годишен тренер, беа исчезнати од 23 јуни. Се верува дека влегле во пештерата во суво време и ненадеен силен дожд го блокирал излезот. Момците веројатно можеле да се движат низ некои делови од пештерата во периоди на посуво време, но водите кои надоаѓале ги блокирале тесните премини со кал и ѓубре намалувајќи ја видливоста и пристапот.

Вадењето на децата надвор од пештерата ќе биде високо ризична задача со оглед на условите. Пештерските комплекси во северен Тајланд редовно се поплавуваат за време на сезоните на дожд кој траат од септември или октомври. Обидите за испумпување на водата од пештерата засега не биле успешни.

Доколку децата треба да бидат извадени порано, тие ќе мора да ги научат основите на нуркање, иако експертите предупредуваат дека неискусни нуркачи кои би се движеле на толку опасен терен би било голем ризик.

Доколку чекаат водата да се повлече сама од себе, тоа ќе значи дека децата ќе останат во пештерата со месеци и цело време ќе треба да бидат снабдувани со храна и потребни намирници.

Во следните денови специјално тренирани лекари ќе спроведат медицински прегледи за да ги третираат евентуалните повреди.

12-те момчиња се дел од локален фудбалски тим и заедно со нивниот тренер во повеќе наврати имале патувања и екскурзии.