[Видео] Пилот безбедно слета авион без предни тркала

Пилот во Мјанмар успеа безбедно да слета на аеродромот во Мандалеј откако авионот со кој управуваше не успеа да ги отвори предните тркала.

Станува збор за техничка грешка во системот за слетување на авионот, која е втора од овој тип во рок од една недела во оваа земја.

Летот УБ-103 на „Мјанмар Нешнал Еирлајнс“ пренесуваше 82 патници и екипаж од 7 луѓе. Несреќата се случи во неделата, во 9 часот наутро, кога пилотот забележал дека системот за слетување не функционира, при што тој бил принуден да го слета авионот само со задните тркала, удирајќи со носот на леталото директно во земјата.

За среќа инцидентот заврши без жртви, но не е единствениот од ваков тип. Пред само неколку дена во Мјанмар се случи сличен проблем при слетување, кога летот на „Биман Бангладеш Еирлајнс“ имаше тешко слетување при што авионот речиси се преполови и остави повеќе од 15 повредени лица.

Директорот на авионската компанија вети целосна поддршка во истрагата која ја преземаа властите како и повторна проверка на сите летови со цел понатака да се избегнат било какви дефекти.