[Видео] „Париски Спајдермен“ херојски спаси дете од пад од балкон

Младиот имигрант од Мали, Мамаду Гасама, стана херој во очите на светската јавност откако се искачи по фасадата на зграда во Париз за да спаси четиригодишно дете кое висеше од балконот на четвртиот спрат.

Без да размислува за сопствената безбедност, 22-годишниот Гасама за само неколку секунди успеа да стигне до детето и да го спаси од можен пад. Неверојатниот подвиг е снимен на видео кое брзо се прошири низ социјалните мрежи со неколку милиони прегледи.

Гасама претпладнево беше примен и во Елисејската палата од францускиот претседател Емануел Макрон, кој го прогласил за почесен државјанин на Франција.

Инцидентот се случил во саботата, околу 20 часот, во северен Париз.

Нешто по спасувањето, на местото пристигнале и пожарникарските екипи.

„За среќа, имало некој кој е физички спремен и кој имал храброст да се качи и да го спаси детето“, рекол портпаролот на пожарникарските служби.

Новинарите, ден по херојскиот настан, успеале да го најдат Гасама кој изјавил дека дејствувал без да размислува.

„Ги гледав луѓето како викаат и како од автомобилите свират со нивните сирени. Се искачив и фала му на Бога, го спасив детето. Бев уплашен кога го направив тоа… кога влегов во дневната соба, почнав да се тресам, тешко беше да стојам, морав да седнам“, рекол Гасама.

Градоначалничката на Париз, Ен Хидалго, на Твитер го пофали неговиот „чин на храброст“, додавајќи дека телефонски го контактирала за лично да му изрази благодарност. Го посочила како „Спајдермен од 18-тиот“, повикувајќи се на округот каде се случил настанот.

„Ми објасни дека само што пристигнал од Мали пред неколку месеци, сонувајќи за градење живот овде. Му реков дека неговиот херојски подвиг е пример за сите граѓани и дека градот Париз очигледно ќе биде среќен да му помогне во неговите напори да се прилагоди во Франција“, додала таа.

Според првичната истрага, родителите на детето не биле дома за време на инцидентот. Таткото подоцна бил повикан на распит од полицијата за тоа што детето било оставено без надзор. Мајката не се наоѓала во Париз во тие моменти.