[Видео] „Одбивам да живеам во град со вакви пораки“ – Велешанец избриша навредлив графит пред училиште

Велешанецот Александар Кукулев понесе боја и молерски валјак и избриша графит со навредлива содржина кон Албанците спроти основното училиште „Васил Главинов“, објаснувајќи дека одбива да живее во град каде се појавуваат такви натписи.

Александар, заедно со сопругата, го снимиле нивниот гест и видеото го објавија на фејсбук, каде за помалку од 24 часа има скоро 100 илјади прегледи. Кукулев пред да почне со прекривање на графитот вели дека како поединец не може да направи многу повеќе, упатувајќи повик до градските власти да реагираат во вакви случаи.

„Живееме во Велес, градот на Рацин, кој во своето дело изобилува со космополитски пораки. Јас сум голем велешанец и не сакам да живеам во град со вакви и слични графити, особено не каде што учат деца и каде што се испраќаат погрешни пораки. Да сум професор во ова основно училиште би се срамел. Да сум дел од водството на градот исто така би се срамел“, вели Кукулев во видео снимката.