[Видео] Од студентски протести до општествени промени

Дали последниот студентски марш ќе биде вовед во поголеми општествени промени, зошто студентите не го сакаат предлогот за воведување екстерно тестирање на универзитетите, кои се следните чекори на „Студентскиот пленум“, се само дел од прашањата на кои се дискутираше вечерва, во студиото на Радио МОФ во дебата насловена „Од студентски протести до општествени промени“.

10814135_10154902209880002_1340363284_n

Два дена по масовниот студентски протест во Скопје на темата дебатираа универзитетскиот професор Небојша Вилиќ, новинарот Ѕвездан Георгиевски и претставниците од „Студентски пленум“ Симона Јовчевска и Владимир Делов.

Студентката Симона Јовчевска смета дека маршот им покажа на сите дека во Македонија има критична маса. Вели дека ставот на пленумот е јасен, екстерно тестирање за студентите не смее да има, но е разочарана е од игнорирањето од страна на Студентскиот парламент.

„СПУКМ требаше прв да излезе со став, но претседателот излезе со изјава дека сега не е време за протест“.

„Погребот на СПУКМ ( за време на студентскиот марш) е револт што партиските активности ги ставија пред своите колеги“, изјави Јовчевска за време на дебата.

И за професорот Вилиќ, еден од малкумината професори кои дадоа јавна поддршка на студентите, предлогот за воведување екстерно се коси со суштината на високото образование. Тој повика активистичките собирања да станат почести.

„Јавниот простор е местото каде се трга трулежот на општеството“, истакна професорот Вилиќ.

Новинарот Ѕвездан Георгиевски пак потсети дека студентите треба да се подготвени на секакви притисоци и забележа дека за општеството е добро е да се помрднуваат границите.

„Маршот многу ми се допадна, бев многу среќен“, забележа тој .

Студентот Владимир Делов, во име на пленумот најави нов студентски протест доколку надлежните не се повлечат од идејата за екстерно на универзитетите.

„ Можен е нареден протест ако нашите барања не се слушнати“ истакна Делов.

Во дебатата „Од студентски протести до општествени промени“ беа поканети и претставници на Министерството за образование и наука,  како од СПУКМ. Од Министерство не стигна одговор на нашето барање, додека претседателот на СПУКМ Кирил Спироски преку СМС порака извести дека е на пат и нема да стигне во студиото на Радио МОФ.

Едночасовното видео од дебата може да го погледнете во продолжение: