Постои една теорија која вели дека на секои 20 години, популарната култура се менува, превиткувајќи се врз себе, што предизвикува бран на носталгија за она што се случувало пред две децении. Таков е наизглед случајот со популарноста на старите снимки на емисии и видеа за инструкции од средината на 90-те, во кои се објаснува феноменот на интернетот, кој тогаш само што почнуваше да влегува во домовите на обичните луѓе.
Од денешна гледна точка, интересно е да се види какво било сфаќањето за глобалната компјутерска мрежа, но и предвидувањата за тоа кои ќе бидат нејзините најчести употреби во иднината. Во оваа емисија посветена на интернетот од 1995, извадена од стара ВХС касета, водителите на интересен начин го објаснуваат концептот на поврзувањето на луѓето во светска компјутерска мрежа, како и придобивките кои тоа ги нуди. За луѓето кои ја истражуваат глобалната мрежа, односно „сурфаат“ на интернет, тие го користат изразот „интернаути“ (слично на астронаути).