[Видео] Новата песна на Пуси Рајот го критикува Трамп

Пуси Рајот објави нова песна со која ја слави вагината како критика на претходна изјава на американскиот кандидат за претседател Доналд Трамп.

Во најновото видео на рускиот панк бенд за песната „Straight Outta Vagina“ е прикажана Надја Толоконикова во бела свештеничка облека и маска на лицето, додека во позадина пее хор составен од мажи и жени.

Толоконикова изјави дека песната ја снимала во февруари заедно со американскиот музичар, гитарист и продуцент Дејв Ситек, кој таа го опиша како „еден од најголемите феминисти“ кои некогаш ги запознала. Видеото е снимано во Лос Анџелес.

„Оваа песна може да се смета како одговор на Трамп. Но, јас верувам дека идејата за моќна женска сексуалност е многу поголема од некој популистички мегаломански човек.. Вагината е поголема од Трамп“, рече таа.

Од Пуси Рајот се очекува да објават уште две видеа кои ќе бидат своевиден коментар на американските и руските политики. Толоконикова рече дека ширењето на „патријархалните и идеите кои шират омраза против жените” е слично на сексуалните преносливи болести.

„Политичарите се фалат со силно лидерство. Трамп јавно ги поддржува авторитарните методи на Владимир Путин. И тоа е страшно. Тоа не е светот во кој сакам да живеам “, смета Толоконикова.

Таа повеќе не работи со ко-основачката на групата Маша Аљокина, која во моментов е на турнеја со Белорускиот слободен театар.

Двете поминаа 16 месеци во руски затвор по нивната анти-Путин „панк молитва” во катедрала во Москва. Третиот член на Пуси Рајот, Екатерина Самуцевич, која беше осудена заедно со нив, беше ослободена со условна казна.