По „Гугл“, „Твитер“, „Фејсбук“ , за првпат и „Википедија“ се придружи со објавување на ретроспективно видео од најважните настани кои нејзините корисници ги пребарувале во оваа година.
Приказни кои најмногу биле пребарувани се за Светскиот куп, „ Ice Bucket“ предизвикот, протестите во Фергусон, „Чадор револуцијата“ во Хонг Конги појавата на Ебола во Западна Африка. Видеото од две минути се состои од слободно-лиценцирани слики, текст и видео поставени од корисниците на Википедија.
Според фондацијата Викимедија, непрофитната организација која е надлежна за Википедија, видеото е создадено со мал буџет.
„Видеото е направено со обични алатки – компјутер, интернет конекција, многу внимателно и продлабочено размислување, истражување и соработка и слободната содржина што луѓето ја поставуваат на страната на Википедија“, рече видео продуцентот на фондацијата Викимедија, Виктор Григас, на својот блог.
Повеќето од темите во видеото се истакнати и на други места, но Википедија се фокусира на сложениот процес на подесување, прегледување, уредување и преведување на содржината која постојано се менува на сајтот кој постојано се генерира од корисниците.
Википедија, најголемата онлајн енциклопедија во светот, во јануари ќе одбележи 14 години постоење. Низ сите овие години, дизајнот остана речиси ист, но затоа според статистиките на Википедија, во однос на читатели и статии, сајтот постојано расте. На него во моментов има 4,6 милиони статии и 34,5 милиони страници. Од почетокот, до октомври 2014 година, Википедија вкупно имала повеќе од 459 милиони корисници.