[Видео] Над 1.300 демонстранти уапсени на протестите во Русија против делумната воена мобилизација

Повеќе од 1.300 демонстранти во десетици градови во Русија досега се уапсени на протестите против делумната воена мобилизација на руските државјани која ја нареди претседателот Владимир Путин, наведува организацијата „ОВД-Инфо“.

Стотици луѓе се уапсени во Санкт Петербург и Москва, а Радио Слободна Европа јавува дека московското обвинителство им се заканило на учесниците на протестите со казна затвор и до 15 години.

Би-Би-Си наведува дека тие би можеле да бидат кривично гонети според законите против дискредитација на вооружените сили, ширење „лажни вести“ за руската воена операција во Украина или охрабрување малолетници да протестираат.

Острите казни во Русија за ширење „дезинформации“ за војната во Украина и малтретирањето на активисти против Путин од страна на полицијата ги направи ретки јавните антивоени протести.

Протести се одржаа и во неколку други европски градови, а Балкан Инсајт објави дека антивоен протест се одржал и во Белград.

Руски антивоени групи претходно повикаа на улични протести ширум земјата, откако рускиот лидер нареди воена мобилизација, во пресрет на неодамнешните воени загуби на земјата во Украина за време на украинската воена контраофанзива.

Најавата за мобилизација наиде на критики и од затворениот руски опозициски лидер Алексеј Навални, кој рече дека Путин испраќа уште Руси во смрт поради неуспешната војна. „Јасно е дека криминалната војна се влошува и продлабочува, а Путин се обидува во неа да вклучи што повеќе луѓе“, рече Навални во видео порака.

Истовремено, најавата за делумна мобилизација во Русија наиде на критики и во западните земји, како и со предупредувања дека треба да се сфати сериозно, односно дека со тој потег рускиот претседател покажал слабост.

Западот ги осуди најавените квази референдуми во Источна Украина, Путин нареди делумна мобилизација