Руската полиција приведе повеќе од 1.000 учесници на вчерашниот протест во центарот на Москва во една од најголемите акции на полицијата за спречување на демонстрации во поновата историја на земјата.
Најмалку една жена и еден маж се здобиле со сериозни повреди. Демонстрантите изразуваа револт од начинот на кој владее Владимир Путин и преку протестот побараа слободни локални избори, на кој ќе можат да учествуваат и опозициските кандидати.
Полицијата упаднала и во просториите на една интернет телевизиска станица која го пренесувала протестот.
Според властите на протестот имало 3.500 учесници.
Најголемиот дел од нив се незадоволни бидејќи на локалните избори во Москва не им е дозволено учество на дел од политичарите бидејќи немале собрано доволно потписи за кандидатура за советници.
На дел од припадниците на опозицијата, претходно оваа недела, им бил направен претрес на домовите додека водечкиот опозициски предводник, Алексеј Навални, беше притворен на 30 дена поради повикување на протест.