[Видео] Музички спот од само пет секунди снимен материјал

Еден ден изминатата есен, 80 статисти се наредиле покрај земјен пат во една индустриска зона во Франција. Автомобил поминал со 50 километри на час и ги снимил како прават различни работи – од палење скара и сечење метална количка за шопинг, до свирење инструменти и зборување на телефон. Целото снимање завршило буквално за пет секунди.

Францускиот видеоавтор Guillaume Panariello го опишува како „најкусото снимање на сите времиња. Дури кога материјалот ќе се забави, се случува магијата. Видеото е снимено со неверојатно висок фрејм рејт (frame rate) од 1000 фрејмови во секунда (наспроти стандардните 25 во секунда). Иако има некои делови додадени дигитално во монтажата, видеото, кое е спот за песната „Unconditional Rebel“ на француската музичарка Siska и трае 3 и пол минути, е речиси целосно составено од материјал од петте снимени секунди.