[Видео] МОФ: Глувите ученици не се чувствуваат безбедно кога одат на училиште

Младински образовен форум во соработка со  членовите на Клубот за демократско учество при ДУЦОР „Партенија Зографски“ организираа младинска акција во чии рамки изработија видео кое ги потенцира проблемите на наглувите ученици од ДУЦОР „Партенија Зографски“.

Средното училиште ДУЦОР „Партенија Зографски“ се наоѓа помеѓу фреквентната улица Благоја Стефковски и булеварот Александар Македонски, кој продолжува кон автопатот А-75 и ги спојува двата дела од градот Скопје, потенцираат од МОФ.

Оттаму додаваат дека учениците во ова и другите околни училишта често не можат безбедно да ја поминат улицата и нивната безбедност е загрозена, за што сведочат и минати сообраќајни незгоди.

„Проблемот лежи во недоволната сообраќајна сигнализација на булеварот и на улицата. На двата пешачки премини околу училиштето нема доволно сигнализација (знак, семафор, лежечки полицаец) ниту пак надвозен премин. Никаде не е означено дека во близина се наоѓа училиште каде што учат ученици со оштетен слух и говор, кои не можат да ги чујат сирените на возилата“, велат младите активисти.

Учениците се обраќаат со барање до институциите, да се подобри сигнализацијата на булеварот и улицата за да се зголеми свесноста на возачите за учениците кои учат во близина и да се обезбедат безбедни премини, за движење на учениците без загрозување на нивните животи и сообраќајот.

Видеото е изработено со сведоштва и пораки на засегнатите ученици, кои велат дека испратиле и барање до Град Скопје за решавање на овој проблем што е од исклучителна важност за глувите и наглувите ученици од ДУЦОР „Партенија Зографски“.

„Во последните пет години на овие улици имало повеќе незгоди, на улицата Благоја Стефковски имало 113 незгоди со телесни повреди, 9 со тешки телесни повреди и 1 лице кое трагично го загубило животот. На булеварот Александар Македонски пак, имало 240 незгоди со телесни повреди, 26 со тешки телесни повреди и 6 лица трагично го загубиле животот. Иако овие податоци се однесуваат на целиот потег на улиците, не само околу училиштето, сепак го покажуваат ризикот за учениците во сообраќајот“, потенцираат од Младински образовен форум.

Погледнете го видеото во продолжение.

Видеото е изработено во рамки на младинска акција на членовите на Клубот за демократско учество при ДУЦОР „Партенија Зографски“ спроведено од страна на Младински образовен форум, со поддршка од Фондацијата за демократија на Вестминстер и Британската влада.