Неколку млади активисти од невладината организација „Еквалис“ денеска ја изведоа песната „Another Brick in the Wall“ од култниот бенд „Пинк Флојд“ пред Министерството за образование и наука и уште неколку други локации во Скопје.
Со оваа изведба тие им порачаа на властите дека на младите им е важно квалитетно образование, а како што велат, образованието ќе биде унапредено само доколку јавно и гласно се зборува за тоа.
„Младите бараат итни реформи во образованието и тоа во многу сфери: повлекување на сите учебници со дискриминаторска содржина, наоѓање на соодветни механизми со коишто училиштата ќе се справуваат со врсничкото насилство, сакаме училиштето да го чувствуваме како безбеден простор, сакаме да имаме основни хигиенски средства во училишните тоалети и сакаме училиштето да е место каде што се раѓа креативност, а не страв. Ги повикуваме и охрабруваме сите млади да проговорат за се она што сметаат дека е неисправно во образованието- затоа што само заеднички во еден глас можеме да донесеме промена. Ние не сме само уште една тула во ѕидот!“, велат од „Еквалис“.
Оттаму нагласуваат дека за овој настан биле инспирирани од веќе постоечки граѓански иницијативи кои ја користат песната како платформа за промена.