[Видео] Министерот Адеми: Се контролира онлајн наставата

Онлајн образованието е системско решение и има механизми за контрола на училиштата, вели министерот за образование, Арбер Адеми во неделното интервју на Радио Слободна Европа. Ќе има интернет за сите ученици, а со помош на донатори ќе се помага на оние ученици кои немаат ИТ уреди, вели Адеми.

Речиси еден месец учениците не одат на училиште. Каква е вашата оценка, како се одвива онлајн образованието засега?

Ние донесовме конкретни уредби со законска сила, поврзани и со основното образование и со високото образование, кадешто е санкционирано и предвидено далечинското учење или учење од дома преку средствата за електронска комуникација и во трите уредби кои имаат законска сила, веќе се донесени закони од наша страна, од страна на Владата, предвидуваат дека далечинското учење или учењето од дома преку средствата за електронска комуникација се организира и треба да се обезбеди двонасочна комуникација и разменување на податоци. Тоа значи образовниот процес да се организира на начин без физичко присуство на засегнатите страни во овој процес. И конкретно мислиме на видео-конференциските платформи, на електронската пошта и секое друго средство за електронска комуникација.

Впечатокот е дека не се работи за системско решение, туку дека многу од работите се оставени на волјата и на можностите на наставниот кадар. Може ли да се направи некако воедначен систем којшто би важел за сите училишта на ниво на цела држава?

Се работи за системско решение, ама моделот и опциите преку кои средства за електронска комуникација ќе се организира наставата најцелисходно е самите училишта да се определат, бидејќи пред донесување на уредбите ние препорачавме до сите образовани институции да организираат онлајн настава. Нели имаше отпор, апели, критики, дека нема законска подлога, законски основ, затоа ги донесовме уредбите и сега онлајн наставата е формален образовен процес, а не неформален. И имајќи предвид дека постојат повеќе платформи, самите училишта нека се определат преку која платформа, но ова е системско решение. Дали ќе користат Мајкрософт тимс или Гугл класрум, Фугл драф, Едмундо или некоја друга платформа или можеби тие развиле своја платформа, тоа е нивно решение.

Има ли министерството механизам да ги контролира училиштата ако не го прават тоа?

Секако дека да.

И што ако не го прават?

Министерството не, но имаме други оперативни органи, оперативни институции кои веќе преземаат конкретни чекори, како што се Државен Просветен инспекторат, доставува прашалници до училиштата, до наставниците поврзани со организирање на онлајн наставата и ова е задолжително, сега наставниците се организираат и информациите коишто ги добиваме ние се доста охрабрувачки.

Целото интервју погледнете го во продолжение: