[Видео] МЕД пребројува пеликани на Преспанското езеро и го одбележува Светскиот ден на биолошката разновидност

Со присуство на терен на Преспанското Езеро, пребројување на пеликаните и вклучување преку Фејсбук и Инстаграм, Македонско еколошко друштво (МЕД) во соработка со Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“ денес го одбележува 22 мај, Меѓународниот ден на биолошката разновидност.

Освен за бројката на пеликаните, членовите на МЕД онлајн информираат и за стаништето Езерани, за локалните состојби, разни видови, птици, змии…

Робертина Брајановска, извршна директорка на МЕД за Радио МОФ објаснува дека традиционално, овој ден се одбележува во над 190 земји членки на Конвенцијата за биолошка разновидност, вклучително и Македонија.

Таа објаснува дека досега, на овој ден, во целиот свет институциите и организациите што работат на заштита на биодиверзитетот организираа масовни настани и едукации со цел подигнување на јавната свест за значењето на биолошката разновидност, но, за жал, поради пандемијата со Ковид-19 годинава повеќето овие средби остануваат во виртуелниот свет.

„Овој ден е воспоставен да не’ потсетува на таа заложба и е за подигнување на свеста и знаењето на населението за потребата од нејзина заштита. А, оваа година уште посилна е пораката бидејќи вели ‘Природата нуди решенија’. Затоа што во овие услови на пандемија, уште повеќе треба да се насочиме кон заштита на вредностите на биолошката разновидност“, нагласува Брајановска.

Според Брајановска, особено е важно да се одржат здрави екосистемите, за да може човекот да функционира нормално.

„Ние не можеме да функционираме изолирано, надвор од природата“, потенцира Брајановска.

Броењето на пеликаните МЕД го спроведува од 2013 година. Пеликаните кои секојдневно доаѓаат да се хранат во македонскиот и албанскиот дел од Големото Преспанско Езеро припаѓаат на најголемата гнездечка популација на овој вид во светот, која се наоѓа на Малото Преспанско езеро.

Брајановска нагласува пребројувањето на пеликаните е прекугранична активности и ги вклучува и партнерски организации на МЕД од Грција и Албанија – Друштвото за заштита на Преспа (SPP) и Друштвото за заштита на животната средина во Албанија (PPNEA).

„Овие три земји го делат овој екосистем и е ‘жешка точка’ за биодиверзитетот во Европа. Со ова, уште еднаш ја нагласуваме неопходноста од заедничка соработка во напорите за зачувување на биолошката разновидност“, нагласува директорката на МЕД.

По повод денот, МЕД испрати и порака до Секретаријатот на Конвенцијата за биолошка разновидност. Брајаноска преку пораката потенцира дека 2020 требаше да биде година во која ќе анализираат големи глобални достигнувања за зачувување на природата за кои секоја земја и граѓанин има свој удел – година на можности и споделување на решенија за чекорите во новата „декада насочена кон ревитализација на екосистемите“.

„Предизвиците кои нѐ спречија да се собереме и заеднички да го прославиме нашиот напредок треба да не направат посилни. Сега е правото време ние како еколози да потсетиме дека секој предизвик е поттик за нова адаптација, а адаптациите се извор на просперитет и поголема сила. Новите вештини кои ги стекнавме, новите начини на работење, соработката која ја воспоставивме, новиот фокус на нашиот живот како дел од природата нѐ носат поблиску до решенијата за подобра иднина кои ги нуди природата.“, порачува Брајаноска.

Според МЕД, едно е сигурно: „и покрај сите наши технолошки достигнувања, ние сме целосно зависни од здрави и функционални екосистеми за да обезбедиме вода, храна, лекови, облека, гориво, засолниште и енергија и уште многу други екосистемски услуги кои ни се потребни“.

„Темата ‘Природата нуди решенија’ ја истакнува потребата, надежта, солидарноста и значењето на заедничката соработка на сите нивоа за да градиме нашата иднина во хармонија со природата. Слоганот повикува на акција која треба да биде насочена кон решенија засновани врз потребите на екосистемот за истовремено решавање на загубата на биодиверзитетот, климатските промени и деградацијата на земјиштето, како и вградување на биодиверзитетот во економските сектори“, соопштуваат од МЕД.

Обединетите Нации го прогласија 22 мај за Меѓународниот ден на биолошка разновидност со цел да се зголеми разбирањето и свеста за значењето на биолошката разновидност и потребата од нејзино зачувување.

Бојан Шашевски