Марш на солидарноста во Париз

Над еден милион луѓе, според проценките, попладнево се собраа во Париз, каде учествуваат на Маршот на солидарноста во сеќавање на жртвите од терористичкиот напад врз весникот „Шарли Ебдо“ минатата недела, во кој загинаа 12 луѓе. Дејвид Камерон и Ангела Меркел, заедно со четириесетината светски лидери кои му се придружија на францускиот претседател Франсоа Оланд, учествуваат во поворката.

Целта на маршот е да се демонстрира единство и солидарност. Во предните редови се и преживеаните уредници од “Шарл Ебдо” блиски на загинатите карикатуристи и новинари, стрелани во редакцијата на сатиристичното списание.

За безбедноста се ангажирани околу 2000 полицајци и 1350 војници, додека снајперисти се распоредени на покривите. Маршеви за единство и соживот се одржаа и во неколку други француски градови.

Реки од луѓе се движат низ улиците на градот на светлината, кој е цел во боите на републиката и транспаренти со подршка на жртвите при нападот на „Шарли Ебдо“.

Кон солидарноста со француските колеги се придружија и македонските новинари, кои денеска во Скопје, со наострени моливи и молк сочувствуваа со убиените колеги во масакрот во францускиот сатиричен магазин Шарли Ебдо. Десетици македонски новинари во знак на поддршка се собраа во паркот пред поранешна „Нова Македонија“ во исто време кога и во Париз започна маршот во знак на сеќавање за егзекутираните карикатуристи. Придружувани од француската амбсадорка во земјава Лоренс Оер, новинарите ја прочитаа пораката која им ја испрати меѓународниот новинарски синдикат.