Видео-конференција на „Go Green“ – „Значењето на образованието за справување со климатските промени“

Зелени работни места и иднината на пазарот на труд, образование за одржлив развој и училишта на соларна енергија, се дел од темите на разговор на видео-конференцијата организирана од страна на „Go green“, организација за младински еко-активизам.

На 13 мај, со почеток од 20:30 часот, ќе се одржи видео конференцијата „Значењето на образованието за справување со климатските промени“ на која учество ќе земат три говорници, по што ќе следува и дискусија со публиката.

Антонио Јовановски ќе се осврне на темата за зелени работни места и еко-вештините на иднината, односно како климатските промени влијаат на економијата и пазарот на труд.

За тоа како климатските промени се вклучени во наставните програми и во која насока треба да има промени во образованието за одржлив развој, ќе говори Наталија Ацеска, стручен советник при Министерство за образование и наука и Бирото за развој на образованието.

Зошто е важна промената од електрична енергија од јаглен кон соларна енергија и што значи училиштата да добиваат струја и греење од сонце ќе зборува Ангела Најдовска, магистер по обновливи извори на енергија.

На крајот од видео-конференцијата ќе има и дискусија со присутните.

Сите заинтересирани може да се пријават на видео-конференцијата.