[Видео] Климатски активисти го обоија британското Министерство за финансии со црвена боја

Климатски активисти, користејќи црево од противпожарно возило, ја обоија фасадата на британското Министерство за финансии во црвена боја, пренесе Ројтерс.

Актот, велат тие, е обид да се привлече вниманието на јавноста кон владиниот неуспех да спречат целосна климатска катастрофа.

Активистите го паркирале камионот, купен на „Ebay“, пред Министерството и со помош на цревото испрскале повеќе од 1800 литри црвена боја која „Бунтот на истребување“ („Extinction Rebellion“), организацијата во која активистите членуваат, ја нарекуваат „лажна крв“.

На ѕидот на зградата тие исто така со спреј го напишале слоганот „Сопрете го финансирањето на климатската смрт“, кој стоел и на транспарент закачен на камионот.

Власта и државните институции, велат активистите, се грижат само за економскиот развој и целосно ги игнорираат потребите од преземање било какви акции против климатските промени.

„Не гледаат дека вечен економски развој води кон климатска пропаст“, вели Бен, еден од активистите кои беа дел од актот.

„Црвената боја е симбол на луѓето кои умираат поради климатските промени, но и на сите нас кои наскоро ќе почнеме да умираме ако не преземеме ништо.“, додава тој.

Полицијата соопшти дека уапсила четворица поради сомнежи за предизвикување имотна штета. Дел од улиците околу Министерството, кое се наоѓа помеѓу Бакингамската Палата и Парламентот, беа затворени.

„Extinction Rebellion“ е група активисти кои се обидуваат преку ненасилна граѓанска непослушност, да ги свртат очите на јавноста кон владините институции. Од нив бараат целосно да се намали испуштањето јаглерод и да ја спречат климатската криза која, како што велат од организацијата, ќе доведе до масовен глад и колапс на општеството.

Групата стоеше зад протестите во април кои траеја 11 дена и го блокираа поголемиот дел од Лондон. Воедно тоа беше и најголемиот акт на граѓанска непослушност во поновата британска историја.