[Видео] Климатски активисти ги залепија рацете на рамка на слика стара 200 години во Националната галерија во Лондон

Двајца климатски активисти вчера ги залепија рацете за рамка на уметничко ремек дело старо 200 години во Националната галерија во Лондон.

Ова е последниот во серијата протести на климатските активисти во Велика Британија, кои се дел од групата за заштита на животната средина „Just stop oil“.

Двајцата активисти Хана Хант и Ебен Лазарус ги залепиле тупаниците на рамката од сликата на уметникот Џон Констабл наречена „Кола сено“.

Меѓутоа, пред чинот, тие ја покрија сликата со друга верзија која што сами ја испечатиле, а која го претставува истиот пејзаж, но овојпат уништен од работата на фабриките и авионските летови.

Вчерашниот перформанс го изведоа за да ја повикаат владата на Велика Британија да ги блокира дозволите за идно вадење нафта и гас.

Лондонската полиција потврди дека две лица биле уапсени под сомнение дека сториле кривично дело, а подоцна биле пуштени со кауција, до понатамошна истрага.

Протестот во Националната галерија не е прв што го изведе организација „Just stop oil“, а како што наведуваат, со слични изрази на бунт ќе продолжат и во иднина, до исполнување на нивните барања.

Во соопштението за јавноста, 23-годишната Хана Хант рече дека протестите ќе завршат само кога „Владата на Велика Британија ќе даде веродостојна изјава дека ќе стави крај на новите лиценци за нафта и гас“.

„На крајот на краиштата, фосилните горива се проект на смртта што го спроведува нашата влада. Така да, на рамката на оваа слика има лепак, но има и крв на рацете на нашата влада“, рече Хант.