[Видео] Како ме гледате вие? – моќна порака за Дауновиот синдром

На само неколку дена пред одбележувањето на Меѓународниот ден на лицата со Даунов синдром, се појави видео насловено „Како ме гледате вие?“, кое има за цел да упати силна порака и да ја подигне свеста за оваа состојба. Видеото почнува со рефлексија на познатата актерка Оливија Вајлд во огледало, а продолжува со зборовите:

„Вака јас се гледам себеси. Се гледам себеси како ќерка, сестра и најдобра пријателка. Како личност на која можеш да се потпреш. Се гледам себеси како запознавам некој со кого ќе го споделам животот. Се гледам себеси како пеам, танцувам и се смеам додека не останам без здив. И како плачам, понекогаш. Се гледам себеси како ги следам моите соништа, дури и ако се невозможни. Особено затоа што се невозможни. Се гледам себеси како нормална личност, со важен и убав живот со смисла. Вака јас се гледам себеси. Како ме гледате вие?“

На крајот од видеото, се прикажува вистинската личност која ги изговара зборовите, Анароуз Рабрајт, 19-годишна студентка со Даунов синдром, која  работи во центар за физикална терапија и е спортистка.