[Видео] Како изгледаат училиштата во Финска во кои нема училници?

Финска се обидува да го промени образовниот систем и традиционалните училници да ги претвори во отворен концепт на учење.

Британскиот ББЦ направи видео репортажа во училиште во градот Оулу, кое е едно од околу стоте фински училишта кои се дел од пошироката програма за подобрување на стандардите за градба, која ќе се одвива во следните 10 години.

„Се обидуваме да го надминеме проблемот со тоа што наставниците се сами во нивната работа, а гледаме дека кога двајца, тројца или четворица од нив соработуваат тие можат да го споделуваат знаењето. Ниту еден наставник не може да знае сè“, вели Паулина Канерво, од советодавното тело за образование.

Отворениот концепт (open-plan) на учење предвидува образованието да се одвива во училишта со отворени простори со малку или без разделни ѕидови. Концептот треба да се спроведува паралелно со новите холистички наставни програми, кои се фокусирани на комбинирање на традиционални предмети со дигитални вештини и проекти.

Во училиштето во Оулу стотина деца учат едни до други со неколку наставници.

„Можат да изберат дали сакаат да работат во групи или пак да добијат лекција од наставникот. Веруваме дека кога на учениците им даваме одговорности за учењето, дека тие се помотивирани и дека стануваат многу повеќе само-регулирани“, објаснува наставничката Ане Моиланен.

Повеќе европски држави експериментирале со отворениот концепт на учење, но најголемиот проблем била преголемата бучава која ги отежнувало часовите. Во Финска овој проблем се решава преку големо внимание на акустиката. Училиштата имаат специјални акустични покриви, килими, завеси и други предмети од меки материјали, но истовремено наставниците имаат доверба дека учениците ќе ги завршат задачите кои им се дадени.

„Самите одлучуваме на кој начин ќе ги одржуваме часовите. Секако, имаме работи кои мораме да ги предаваме и ги следиме наставните програми, но можеме да избереме наши материјали и имаме многу поголема слобода во образовниот процес“, додава Канерво.

Финска има најдобар образовен систем во светот според Глобалниот индекс на конкурентноста кој го изработува Светскиот економски форум.