[Видео] Како до подобри студентски домови – искуства од Македонија, Финска и Германија

Студентските домовите каде живее иднината на оваа држава, конечно мора да бидат приоритет на оваа држава, вели истражувачот на МОФ, Петар Барлаковски.

Барлаковски во студиото на Радио МОФ учествуваше во дискусијата „Како до подобри студентски домови“, каде низ призма на домашни истражувања, но и низ искуства и пракси од Германија и Финска, се обидовме да придонесеме за нови, свежи решенија за домашните домови да станат пофункционални и попривлечни за студентите.

„По анализа на податоците, договорите за јавни набавки за храна, увидовме дека во домовите се трошат по 61 денар дневно по студент, за сите три дневни оброка. Тоа не соодејствува со реалниот стандард на државата. Со 61 денар не може да се обезбеди еден, а не три оброка дневно“, рече Барлаковски.

Според него, евидентен е нискиот квалитет во домувањето, што го покажуваат и истражувањата.

„Од скала од 1 до 5, испитаниците го оценија домувањето со 2,93. Ова е ниска бројка. Она што дополнително лошо влијае, освен инфраструктурата и храната, е односно културно-уметничкиот, односно културно-спортскиот живот. Освен некој настан во текот на годината, немаат никаква културна активност. Дури и самите студенти да имаат иницијатива, во тие услови не можат да ја остварат. Дури и да постојат заеднички соби, тие се руниирани или запуштени. А, ако не постојат, треба да одат во двор. А, дворот не е исчистен, обрасната е тревата, има отпад и сл“, вели Барлаковски.

Како друг проблем е корупцијата во домовите. 40 отсто од испитаниците рекоа дека забележале некакви дејства во домовите, а 33 отсто имале лично искуство преку добивање легло, или некаква привилегија во домот.

Барлаковски посочува дека посебно загрижува што 89% од испитаните студенти не знаат каде да пријават корупција.

„Тоа е застрашувачки. Тие и да знаат дека се случуваат коруптивни дејствија, да имаат желба да пријават – не знаат кому да се обратат!“, истакна истражувачот Барлаковски.

За него е важно државата да одвои многу повеќе средства, за да се овозможат базични услови за студентски живот во Скопје. Исто така, Барлаковски ја нагласи и потребата од студентско организирање, студентски активизам, но и претставнички тела, кои ќе ги пренесуваат проблемите на студентите во домовите.

Ова е важно, бидејќи во однос на студентското учество во донесувањето одлуки, дури 92 отство од испитаниците никогаш не учествувале во тој процес.

Милка Геровска зборуваше за своето студентско искуство во Германија. Ја имала среќата, вели таа, да биде во можеби најубавиот студенстски дом во Билефелд.

„И не само тој, сите студентски домови во Германија се обезбедени за удобен живот. Различно е од град во град. Меѓутоа, проблемите со кои се соочуваат студентите не е од причина зошто некој ‘фаќа врски’, туку, пример, нема доволно легла во домот, па луѓе мора да бараат станови“, рече Геровска.

На прашањето дали нашла лебарка или некоја мравка во јадењето, како што се случува во земјава, изрично и низ смеа вели – „не!“.

„Храна има и за вегетаријанци, и за вегани, секој може да си избере. Горе-долу е истата понуда во сите мензи. Не е толку ефтино, но не е ни скапо – околу 2,6 евра е оброк, зависно што ќе земете, паста, пица, разни опции… Тоа е доста евтино (во однос на стандардот). Речиси сите студенти можат да си го дозволат тоа“, вели таа.

Низ своето германско искуство, Геровска за зборуваше за силно студентско организирање и заеднички студентски простори и активности, кои ја дефинираат студентската заедница.

„Универзитетот, освен мнобројните факултетски асоцијации, па дури и групи што се претставници на Амнести Интернешнел, УНИЦЕФ и слично, постоијат и студентски групи кои креираат листи за студентскиот парламент. Една таква е ‘Зелената група’. Има повеќе такви што се по име, па и по идеологија дури и блиски до политичките партии во Германија, но, повеќето од нив не се дел од партиите, не се огранок, туку се засебни групи. Се залагаат за промени во самиот Универзитет и се доста успешни“, нагласува Геровска, која и самата била дел од „Зелената група“, во чиј склоп била избрана во меѓународно претставништво.

Раскажува дека една ваква група нуди предлози, планови за промени, своја програма, а за изборите си прави силна кампања кон сите студенти.

Потоа, сите се трудат да применат што е можно повеќе ветени работи од програмата.

„Обичен пример. Пред две години ‘Зелената група’ ветуваше дека ќе воведе вегански опции во мензата. Дотогаш немаше такви, туку само вегетаријански. Се воведоа! Понатаму, мензата беше отворена до 6 часот, но евтините опции за студентите се нудеа само до 2-3 часот. Групата бараше да работи до 8 часот, а низ целиот период да се овозможат евтини опции за храна. И тоа се воведе! “, потенцира Геровска.

Според неа, на универзитетско ниво може звучат како „мали работи“, но за студентите се многу важни.

Ангел Димитриевски, своевремено жител во студентски кампус во Финска, забележа дека недостаток таму бил меѓународен студентски сојуз што би ги артикулирал студентските потреби. Меѓутоа, постоел фински сојуз кој држел состаноци и ги следел потребите на студентите.

Околу активностите на студентите, нагласи дека постојат голем број асоцијации.

„Не е тоа членство, туку може да посетувате настани каде може да си го пополните социјалниот, па и културниот живот. Ноќниот живот во Финска е премнгу скап, па студентите наоѓаат место за дружба. Најчесто секој департман си има сопствена асоцијација, како на пример медиумската, меѓутоа за студентите се случуваат и различни дружби. Тие се на самиот универзитет, бидејќи поентата е студентите местото да го чувствуваат како свое, и да им се дава целосна слобода да ги користат просториите, предавалните, заедничките холови за настани, без долги процедури за чекање одговор“, вели Димитриевски.

Како активности за студентите споменува филмски вечери, поетски читања, некој пат заеднички готват храна – секој студент со свој национален „белег“ од кујната.

„Најчесто овие настани се бесплатни. Ова е многу важно за студентите што немаат средства за социјален живот во така скапа земја. Така да, можат да посетуваат разни настани, кои ги има 4-5 во неделата“, нагласува Димитриевски.

Правејќи паралела на своето искуство и потребите и домовите во државава, вели дека тие мора да се направат попристапни, адаптирани за различни групи, лица со попреченост и сл. Исто така, да се зголеми алтернативната програма за студентите, содржини кои самите ќе ги поттикнат да се организираат и борат за подобар студентски живот.

Бојан Шашевски