[Видео] Јавни личности ја критикуваат полициската бруталност кон црнците во САД

Некои од највлијателните музичари и актери, меѓу кои и Бијонсе, Ријана, Фарел Вилијамс  и Алиша Кис, се појавуваат во политички инспирираното видео за тоа колку е тежок животот за Афро-американците и нивните односи со полицијата.

Видеото, создадено од Алиша Кис и нејзината фондација We Are Here, е именувано 23 Ways You Could Be Killed If You Are Black in America (23 начини на кои можете да бидете убиени доколку сте црнец во Америка).

Секој од познатите музичари чита еден од начините на кои Афро-американците биле убиени од полицијата, раскажувајќи ги приказните на луѓето кои доминираа на насловните страници во последните неколку години, како Сандра Бленд, Ерик Гарнер и Тамир Рајс.

„Возејќи се во автомобилот на девојка ти со дете позади“, вели Бијонсе, за Филандо Кастил, чија смрт, прикажана на Фејсбук преку видео објавено од неговата девојка, ги предизвика протестите на Black Lives Matter минатата недела.

„Продавајќи CD-a пред супермаркет“, вели актерката Тараџи П. Хенсон, алудирајќи на Алтон Стерлинг, кој беше убиен пред камера во Батон Руж минатата недела.

Видеото е снимено од самите ѕвезди кои се појавуваат, со телефон во нивните домови. Други познати личности кои се појавуваат се и Боно, Chance The Rapper, Лени Кравиц и Крис Рок.

„Бараме радикална трансформација која ќе ја зацели долгата историја на систематски расизам, за сите Американци да имаат еднакво право да живеат и да си ја бараат среќата“, вели Кис на крајот од видеото, апелирајќи за акција.

Убиствата на Стерлинг и Кастил инспирираа други уметници, како Џон Леџенд, Квестлав и Миси Елиот, јавно да прозборат минатата недела.