[Видео] Индискиот принц кој призна дека е геј со важна порака за хомосексуалноста

Манвендра Синг Гохил е познат како првиот геј индиски принц кој јавно ја призна својата сексуална ориентација. Во документарецот снимен од LGBT платформата Come Out Loud, Синг искрено зборува за правата на хомосексуалците и предизвиците со кои се соочил кога признал дека е геј.

Синг, кој беше престолонаследник на кралското семејство на Раџпипла, беше одроден од неговите родители и сето наследство кое му следува како принц му беше одземено, кога призна дека е хомосексуалец во 2006 година. Вели дека одлуката јавно да ја признае својата сексуалност ја донел поради притисокот на конзервативната околина во која живеел. Сепак, тоа му донесе и интернационална слава, а се има појавено на многу интернационални медиуми, како BBC и The Oprah Winfrey Show.

Во 2000 година формирал организација наречена The Lakshya Trust, која работи на превенцијата на ХИВ меѓу геј мажите, а сега активно се зазема за декриминализација на хомосексуалноста во Индија.

„Сите ние сме човечки битија. Треба да бидеме третирани еднакво и да ни бидат дадени правата кои ни се одземени“, вели Синг на крајот од видеото. „Сѐ што очекуваме од општеството е љубов. Правата на хомосексуалците не можат да се добијат само во судница, туку и во срцата и умовите на луѓето со кои живееме“.

Извор: Mashable