[Видео] „И родовиот идентитет е важен“ – трансродови луѓе ги раскажуваат своите приказни

Трансродовите луѓе  сѐ уште се една од најмаргинализираните заедници, сметаат од Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица во Северна Македонија – ТрансФорма. Според нив, зголемувањето на видливоста на овие лица е од витално значење, бидејќи како што велат, таа е првиот чекор кој води до прифаќање, сфаќање, разбирање и интегрирање на транродовите луѓе во општеството.

Поради ова, годинава тие покренаа кампања по повод 31 Март, Меѓународниот ден на видливоста на трансродовите луѓе, под мотото „И родовиот идентитет е важен“.

„По пресудата донесена од Европскиот судот за човекови права (ЕСЧП) во Стразбург во 2019 година, на Република Северна Македонија и’ беше јасно, директно и недвосмислено препорачано да преземе чекори за правно признавање на родот, за трансродовите луѓе без пречки и без дискриминација да можат да ги остваруваат своите права и да имаат непречен институционален пристап до услуги. За жал, три години подоцна не можеме да забележиме никаков напредок или да посведочиме за каков било позитивен исчекор во оваа смисла“, велат од ТрансФорма.

Покрај ова, тие забележуваат дека трансродовата заедница е најпогодена за време на пандемијата.

„Трансродовите лица тешко доаѓаат до вработување пред се поради јавнатастигма, тешко се доаѓа до потребни недискриминаторски здравствени услуги, тешко се оставруваат дури и најелементарните административни и граѓански права без препреки“, посочуваат од ТрансФорма.

Годинава Маршот за видливоста е откажан поради пандемијата, па затоа заедно со Феминистичката платформа – Медуза изработија видео во кое прикажаа неколку приказни на трансродови лица.

„Тешко е да се зборува за видливост кога не е безбедно да излезеш пред камера и да раскажеш за својата реалност, во свое име. Секоја трансродова личност во себе носи приказни кои вреди да се слушнат и има лице кое вреди да се види“, стои во описот на видеото.

Интернационално, 31 Март се одбележува со цел зголемување на видливоста на трансродовите лица, кревање на јавната свест за прифаќање на оваа маргинализирана заедница и поттикнување на обезбедување на еднакви човекови, здравствени и трудови права за овие лица од страна на државата.