[Видео] Гумени куршуми и солзавец врз демонстрантите во САД, Трамп се закани дека ќе ја активира армијата

Американскиот претседател, Доналд Трамп, се закани дека ќе ја употреби армијата за да стави крај на граѓанските немири кои веќе втора недела се шират низ Соединетите Американски Држави поради смртта на црнецот Џорџ Флојд во полициски притвор.

Изминатава ноќ четворица полицајци биле убиени во Мисури, додека две лица биле убиени во немири во Чикаго, пренесе Би-Би-Си. Околностите за двата случаи сè уште не се познати.

Во меѓувреме, Трамп вчера даде кратка изјава во дворот на Белата куќа, додека во непосредна близина воената полиција употреби солзавец, гумени куршуми и флеш-бомби на демонстрантите кои протестираа во Вашингтон за да го расчисти патот на претседателот да ја помине улицата и да присуствува на договорено фотографирање пред црква.

На телевизиските снимки може да се забележи како граѓани бегаат и паѓаат во борба да дојдат на сигурно место, додека полицијата употребува сила да го разбие собирот.

Трамп изјавил дека сојузните држави не успеале да ги контролираат протестите и да ги „одбранат жителите“ и дека ќе ја распореди војската за „брзо да го реши проблемот наместо нив“.

И изминатава ноќ продолжија протестите и покрај тоа што повеќе американски градови имаа полициски час. Во Њујорк, толпа граѓани искршила и ограбила неколку продавници на познати брендови во центарот на градот, додека биле демолирани излозите и прозорите на повеќе други продавници и банки.

Протестите во САД започнаа откако на социјалните мрежи излезе видео на кое се гледа како 46-годишниот Флојд се апси во Минеаполис, а полицаец со колено ја притиска неговата глава додека Флојд извикува дека не може да дише и дека ќе умре. Полицаецот е обвинет за убиство и следната недела се очекува да се појави на суд. Три други полицајци кои присуствувале на апсењето добиле откази.

Случајот предизвика дополнителен бес кај граѓаните околу полициската бруталност и расизмот во општеството.

Во меѓувреме продолжија протестите низ светот во солидарност со активистите на движењето „Black Lives Matter“. Илјадници граѓани, и покрај пандемијата со коронавирусот, се собраа во Амстердам, Париз, Рио Де Жанеиро и Лондон, а собири имаше и во Австралија, Германија, Ирска, Грција како и голем број други држави.