[Видео] Граѓани: Блокадите се симбол на блокираниот систем во кој живееме десет години

Блокираните улици се за блокираниот систем во кој граѓаните живеат десет години, порача Шарената револуција, со денешната блокада на три раскрсници во центарот на Скопје. Ако првото блокирање беше за да се сврти вниманието на јавноста, целта на денешниот прекин на сообраќајот беше да потсетат дека се ближи рокот за исполнување на нивниот ултиматум.

Блокади кај Соборен храм

Блокади кај Соборен храм

„Ова е само блага форма на заострување на начинот на којшто ќе го изразуваме нашиот револт, односно ова е симболика на блокираниот систем со кој Македонија живее веќе десет години“, изјави Александар Богоевски од неформалното движење „Протестирам“.

Со свирежи и знамиња, точно напладне, демонстрантите на Шарената револуција ги држеа блокирани раскрсниците кај Соборниот храм, Судска палата и Црвениот крст, речиси еден час.

Блокади кај Црвен крст

Блокади кај Црвен крст

„Ние им се извинуваме на минувачите што го блокираме сообраќајот, но едно нешто што мора да го разберат сите во државата, е дека мора нашите права и гласови да се слушнат. Да се знае дека во Македонија треба да важат закони и правда, да има регуларни избори. Откако тоа ќе се случи, тогаш може да се повлечиме“, изјави граѓанин за Радио МОФ, додека ја блокираше раскрсницата кај Соборниот храм.

Слична атмосфера, имаше и пред Судската палата. Оттаму, активистот на Шарена револуција Драган Додевски, изјави дека со блокадите се обидуваат да ги повратат институциите и правдата во државата.

Блокади кај Судска палата

„Со ова сакаме да им покажеме на луѓето како изгледа да се живее десет години со блокирани институции, да не можат да си ги остваруваат своите права и да им бидат оспорувани“, рече тој.

Негов сограѓанин, пак, нагласи дека нивната борба е всушност борба за сите граѓани. Тој побара да се формира експертска влада и да се одржат фер избори, па оној што ќе победи, ќе му се пружи рака.

Демонстрантите не се откажуваат и од големите протести, во 18 часот пред СЈО, а за идните денови најавуваат поинакви активности. Тие во средата поставија ултиматум до 18 јуни до власта, барајќи Уставниот суд да се произнесе за уставноста на СЈО, да запре прогонот на демонстрантите и да бидат повлечени сите пријави против лица кои протестираат, како и да се формира преодна влада што ќе ги организира изборите и ќе ги спроведе реформите од извештајот на Прибе.