[Видео] Герила акција: Никна бунар на местото каде властите ветија бунар за спас од арсенот

Тимот на Урбани уметнички акции заедно со активисти од граѓанската иницијатива „Арсена“ поставија бунар во ревирот на Вардар.

„Ова е локацијата каде што пред две години и осум месеци Општина Гевгелија започна ископ на нови бунари за водоснабдување на Гевгелија како решение заради забраната за користење на постојните бунари кај Моин поради енормното количество на отровниот арсен. Тогашните локални и државни функционери најавија дека за девет месеци гевгеличани ќе пијат чиста вода. Од новите бунари абер нема“, велат активистите.

Со поставувањето на уметничката инсталација – бунар со чекрек и лимена кофа за вода, граѓанските активисти сакаат да укажат на неостварените ветувања од властите во пресрет на предизборието тогаш во 2014 година (претседателски и вонредни парламентарни) и актуелното предизборие за вонредни парламентарни за 2016 година.

Активистите напоменуваат дека гевгеличани се уште чекаат чиста вода за пиење.

„Со последните меѓународни анализи гевгеличани пијат 113% повеќе арсен од здравствените граници на СЗО.  Општината Гевгелија најави тендерска постапка за ископ на нови бунари во ревирот кај Вардар и изградба на цевковод кај Мрзенски рид, но со одлука за распишување на избори сите постапки околу трошењето на јавните средства се ставаат во мирување. Бунарите ќе почекаат“, потенцираат активистите.

Според нив, за утеха останува само сликата на рустикален бунар од старите времиња.

Инаку, арсенот е 20-тиот елемент по застапеност во Земјината кора. Првпат е документиран во 1250 година, а со текот на вековите најде најразлични примени во медицината, во сегменти од градежништвото, па и во уметноста. За импресионистите арсенот бил состојка на една посебно ценета боја – паришката зелена. Дијабетесот што се развил кај Пол Сезан, слепилото на Клод Моне и невролошките нарушувања кај Ван Гог се дел од приказните за широката „благотворна“ употреба и последиците од арсенот.

Неговата токсичност го направи омилен дворски отров, со симптоми слични на колерата, а подоцна често се користел и во политички цели. Се верува дека од арсен умреле Франческо Први Медичи и неговата жена, кралот Џорџ Трети, истражувачот на Африка Чарлс Френсис Хол, но и американската амбасадорка во Италија по Втората светска војна Клер Бут Лејс. Постојат и приврзаници на теоријата за слична смрт и на императорот Наполеон Бонапарта на островот Св. Елена…

И денеска е познат како отров меѓу кралевите и крал меѓу отровите. Арсенот е распространет по балканските почви, па со време е развиен т.н. балкански ендемизам на бубрежни болести. Арсенот е различно токсичен во храната, воздухот и водата. Но секој хемичар, научник и доктор веднаш предупредува за неговото отровно влијание и долгорочните здравствени ефекти кај луѓето.

Оттука, не е чудно што е подгреана лутината на граѓаните, кои со години пијат вода со недозволени концентрации на арсен. Гевгеличани, особено активистите од иницијативата „Арсена“, сè уште со кампањи, герила-акции, донаторски акции и јавни трибини го буткаат проблемот од локалниот простор, преку социјалните мрежи, па низ локалната самоуправа, гевгелискиот совет, со цел да стигне и до централната власт. Да стане државен приоритет. Но, активистите се револтирани што и покрај повеќе испитувања и анализи, кои покажаа дека локалниот „Комуналец“ преку својот систем испорачува вода со над 50, па и 100 отсто поголеми концентрации арсен од пропишаните граници, и тоа, како што тврдат на околу 20.000 луѓе, сепак, сиот овој период нема целосна забрана за нејзино консумирање.