[Видео] Engage@Akto: На граѓаните им е неопходен јавен простор

Актери, архитекти и млади истражувачи од повеќе држави од Европа го освежија летното издание на конференцијата за друштвен активизам Engage, или овој пат насловена како Engage@Akto. Петтата година на конференцијата се одбележа во Битола, во склоп на Акто, фестивал за современи уметности во соработка со Факултет за работи што не се учат.

Правото на јавен простор и потребата од автономно место каде младите и слободоумните луѓе ќе можат да експериментираат и творат беше она што ги спои сите седум говорници.

Конференцијата започна со приказната за локалната иницијатива „Битолско движење“, која од мали герила акции, прерасна во сериозно движење, кое меѓудругото бара оставки од градоначалникот и претседателот на државата. Нејзе ја претстави активистот Иван Чулаковски.

Следна која воодушеви со својата презентација беше Ксенија Радовановиќ и борбата против грандиозниот проект „Белград на вода“, за кој таа рече дека е бесмислен и дека неговата реализација подразбира целосно кршење на уставниот поредок.

Борбата за демократија во најтешките мигови од економската криза во Грција ја долови активистот Христос Гиованопулос од Direct Democracy Now, кој самиот не верува дека некогаш би можела да се постигне целосна демократија.

Драгана Велковска од иницијативата Охрид СОС сподели неколку факти кои го прават Охридското езеро значајно за македонското поднебје, но кое ризикува да го изгуби својот шарм и природен живот во него поради урбанистичките планови на властите. Велковска, во името на активистите од оваа иницијатива порача дека борбата за заштита на езерото и живиот свет во него нема да престане и дека природата не смее да страда поради човековата неодговорност.

Италијанците изминативе години се покажаа како маестро за окупација. Такво искуство доживеал и Емилијано Кампањола, кој на вчерашната конференција ја објасни борбата на тамошните драматурзи за одбрана на она што им припаѓа – театарот. Иако оваа приказна не завршува среќно, означува будење на активизмот во Италија.

„Се што ни треба е простор! Се друго е наша одлука” е темата на која зборуваше најмладиот активист на годинашниот „Engage“ Јернеј Кастелиќ. Тој беше претставник од автономниот центар Фабрика Рог, во Словенија, кој претставува поранешна фабрика за велосипеди. Ситуацијата таму е прилично тензична во изминатиот период, откако властите решија целосно да се ослободат од ова место, рушејќи го до темел. Но, наидоа на силен отпор од активистите како Кастелиќ.

Последен, но не помалку важен беше говорот на Ѓорѓи Пулевски, еден од основачите на Контра кадар Битола, кој зборуваше за идејата за општествената ангажираност преку филмски проекции. Тој вели дека оваа иницијатива всушност е зародиш на многу други, зближувајќи ги луѓето со исти цели.

Организатори на конференцијата се Младински образовен форум и Радио МОФ, а целта беше да се подигне нивото на информираност на граѓаните, нивната присутност и активно делување, како онлајн така и во физичкиот простор.

ЕNGAGE е поддржана од National Endowment for Democracy, Фондација Отворено општество Македонија и Проект на УСАИД за граѓанско општество.