[Видео] Елена Васова меѓу финалистите за наградата „Милан Младеновиќ“

Македонската пејачка Елена Васова е меѓу 12-те финалисти за наградата „Милан Младеновиќ“, која ја доделува истоимената Задужбина од 2019-та година.

„На конкурсот за наградата ‘Милан Младеновиќ’ 2025 пристигнаа 158 пријави кои ги задоволија зададените критериуми, а жирито од нив одбра 12 финалисти, чии песни ќе бидат објавени на промотивна ЦД компилација“, информираа од Задужбината.

Солистката Елена Васова, која е родена во 2000 година во Скопје и низ своето музичко патешествие има поминато хорови, опери и концерти, во оваа конкуренција влезе со песната „Љубов“.

Од Задужбината посочуваат дека жирито во состав Иван Лаиќ (Хрватска), Давор Лукас (Хрватска), Милорад Мики Ристиќ (Србија), Горан Трајкоски (Македонија) и Бојана Вунтуришевиќ (Србија), одбрале песни кои, како што велат, се издвојуваат по квалитетот на музиката и текстот, а една од нив ќе ја понесе „Милан Младеновиќ“.

Фото: „Милан Младеновиќ“

Наградата традиционално ќе биде доделена на 21 септември, на роденденот на југословенскиот гитарист, пејач, текстописец и композитор, а ова ќе биде трета година по ред како доделувањето се организира во Макарска, во рамки на фестивалот „Модро и зелено“. Макарска е град од исклучителна важност за растењето и творештвото на Милан Младеновиќ. Фронтменот на „Екатерина Велика“ е роден во Загреб, живеел во Сараево и Белград, додека летата ги поминувал токму во Макарска, родното место на неговата мајка Даница.

„Покрај паричната награда во износ од 3.000 евра, за добитникот на наградата ‘Милан Младеновиќ’ ќе биде изработена и посебна статуетка во соработка со ‘Futro Design Studio’, како и настапи на релевантни регионални фестивали“, информираа организаторите.

Ретроспективно гледано, добитник на првата награда, доделена во 2019 година, беше белградскиот бенд „Артан Лили“. Вториот лауреат беше српската група „д р а м“ во 2020, следната 2021 година наградата ја понесоа „Ана енд Д Чејџес“, исто така од Србија, додека во 2022 година лауреатката беше од Македонија – Дина Јашари со песната „Дома“.

Фото: „Милан Младеновиќ“

Првата награда доделена во Макарска ја однесе групата од Панчево „Љубичице“, а актуелни лауреати се „Немечек“ од Хрватска. Токму „Немечек“ ќе ја имаат честа на 21 септември да го пренесат музичкиот факел на новиот победник во вид на статуетка.

Инаку, Задужбината „Милан Младеновиќ“ го отвори седмиот конкурс за наградата на 1 мај. Под слоганот „Prijavi svoju stvar“, натпреварот траеше месец дена – до 31 мај. Право да се пријават имаа автори и изведувачи од сите земји од територијата на поранешна Југославија, со песна чиј текст е на еден од јазиците што се зборуваат во овој регион, вклучувајќи ги и малцинските јазици.

Наградата „Милан Младеновиќ“ е основана со цел да се поттикне музичкото творештво што се карактеризира со вредностите својствени на уметничкото наследство на Милан.

Бојан Шашевски