Апстрактна и експериментална, вака ја опишуваат својата музика Robert Henke од поранешното електронско дуо Monolake и Susanne Kirchmayr, позната под уметничкото име Electric Indigo, жената која 25 години владее на електронската сцена.
Henke по професија е дипломиран инженер, но знаењето го искористил во создавање софтвер кој прерасна во индустриски стандард за идните генерации на диџеи и продуценти. Од друга страна, Electric Indigo e феминистка, која постојано го издига гласот на жените во светот на електронската музика. Меѓудругото, тие се последните изведувачи кои настапуваат на затворањето на Фестивалот на електронска музика „De:sonanz“ во Скопје.
Во лабав муабет за Радио МОФ пред генералните проби, двајцата искусни диџеи раскажуваат за своите почетоци, па се до дефинирањето на својот стил. Признаваат дека денес луѓето кои се се занимаваат со електронската музика имаат предност во однос на алатките кои им ја олеснуваат работата, меѓутоа според Hanke, луѓето се повеќе прават слична музика, бидејќи гледаат еден од друг.
„Порано немаше многу отворена територија, немаше интернет, она што го правевме беше повеќе посебно, а денеска се може да се најде на Youtube. Нештата стануваат понормални денеска, се повеќе луѓе прават слична музика, бидејќи еден од друг гледаат, а така тешко може да се открие стилот. На крај доаѓаме до тоа дека треба да се прави она што го сакаме и да немаме премногу влијание од други“, вели Hanke.
„Гледам дека има многу добра музика, но тешко е да се најде, бидејќи има огромни информации. Среќавам многу луѓе кои велат дека музиката порано била подобра, но тоа ме нервира, бидејќи тоа не е точно, а го слушам тоа од 94′ и сметам дека зависи од сопствениот став. Луѓето кои го велат тоа се повеќе поврзани со минатото и поради некоја причина го загубиле духот“, се спротивстави Kirchmayr.
Во продолжение, погледнете го видео интервјуто за Радио МОФ