[Видео] Еколошка инспекција „фати“ опожарена депонија и луѓе како оставаат отпад до патот

Државниот инспекторат за животна средина повторно објави снимки со дрон. Овој пат снимките се направени кај Вардариште – претоварна станица на ЈП „Комунална хигиена“ и околината со два склада за секундарни суровини.

Исто така, кај мост Лисиче со реката Вардар, а дронот има „фатено“ и опожарена дива депонија (сметилиште), каде интервенира противпожарна екипа. Исто така, преку видеото се гледа како четворица граѓани од бело комбе изнесуваат и фрлаат некаков отпад, веднаш до патот, а потоа се враќаат во возилото и заминуваат од локацијата.

Од Државниот инспекторат за животна средина веќе објавија едно видео. Најавија дека постојано ќе снимаат на територијата на целата држава, а снимките ќе бидат јавно достапни, со цел сподобрување на состојбата на животната средина. Во комуникација со граѓаните, преку социјалните мрежи потенцираат дека снимките ќе бидат предадени на Град Скопје и општините за понатамошно постапување согласно надлежноста.