[Видео] Државни вработувања со партиски клуч – бавни реформи во администрацијата

Декларативно има политичка волја за средување на проблемите во јавната администрација, но реално, таа отсуствува, смета професорот Драган Гоцевски, од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Партиските вработувања додава дека се реалност, исто како и клиентелизмот, но забележува дека кога формално е испочитуван законот за вработување на овие службеници, нема можност за нивно порекнување.

Како гостин во Радио МОФ, професорот Гоцев дискутираше на темата „Стручност или партиски врски – кој се вработува во јавната администрација?“.  Забележува дека нема брзо решение за овој проблем, како и дека за сериозни реформи, потребни се време и средства. Сепак, додава, и во време на сериозни политички кризи и без Влада државата функционираше, што за него е доказ дека не треба да се генерализира, како и дека  јавната администрација има капацитет за работа.

Јелена Пероска, генерален секретар на ЏЕФ Македонија, како втор учесник во дискусијата, го претстави нивното последно истражување за вработувањата во општинската администрација. Тие истражуваа корупција при вработувањето во три општини, Охрид, Струга и Делчево. Покрај партиските, за нив проблематични се и привремените вработувања кои се практикуваат во дел од општините.

Градоначалниците, вели Пероска, не признаваат дека има проблеми при вработувањата, но затоа општинските службеници имаат бројни забелешки. Во истражувањето стојат изјавите на дел од вработените кои велат дека „ сѐ се прави како што ќе одлучи градоначалникот“, како и дека „во општината се знае дека вработувањата одат по партиска, роднинска линија, а не по заслуги“. Најголеми злоупотреби на законската рамка, вели Пероска, се случуваат во текот на интервјуто за работа, кога повеќе кандидати за вработување или унапредување ги исполнуваат истите законски критериуми.

Целата дискусија проследете ја во продолжение:

Оваа дискусија е изработена во рамките на проектот „Ништо друго не е важно? Случаи на корупција во вработувањето на јавните службеници во локалните самоуправи во Македонија“ поддржан од страна на Метаморфозис, Фондација за интернет и општество во рамките на проектот ACTION SEE. Мислењата и ставовите наведени во неа се целосно на авторите и не ги одразуваат мислењата и ставовите на донаторот.