[Видео] Документарецот за Мизар објавен na Youtube

Краткометражниот документарен филм „Мизар – ѕвезда на надежта“ е филм на Марко Џамбазоски, студент на Факултетот за драмски уметности во Скопје, на катедрата за Филмска и ТВ монтажа, а и самиот е музичар во алтернативниот рок бенд Визија.

Приказната на филмот ги обработува почетоците на Мизар и трнливиот пат во кој од обичен гаражен бенд, групата станува една од најзначајните музички состави во историјата на македонската рок-култура.

Во филмот се користени, главно, досега необјавени аудио и видео материјали од бендот, од кои еден дел се демо снимки, а други се земени од архивата на МРТВ. Филмот е базиран на сеќавањата на членовите на Мизар од тој период Горазд Чаповски, Панта Џамбазоски, Горан Таневски, Илија Стојановски и Слободан Стојков.

Сценариото, монтажата и режијата се на Марко Џамбазоски, а снимател е Александар Ристески, студент на катедрата по филмско и ТВ снимање.

Документарецот досега беше дел од неколку интернационални филмски фестивали како што се: Стариград Пакленица (Хрватска), ДОРФ (Хрватска), Скопскиот филмски фестивал (Македонија), МакеДокс (Македонија), КРАФ (Србија), Ориго (Србија), Зајечарска гитаријада (Србија).