Видео дискусија – студентските домови остануваат затворени, студентите мака мачат да стигнат на испити

Јунската испитна сесија започна, студентските домови се затворен, превозот редуциран. Голем број студенти кои живееја во студентски дом, сега се приморани да патуваат со часови за да стигнат на испит. Велат дека се дискриминирани и оставени сами на себе, па бараат итно решение на овој проблем.

За проблемите и можните решенија, во видео дискусијата на Радио МОФ зборуваат студентката Јасмина Толеска, студентскиот правобранител на УКЛО, Бојан Петровски, претседателот на Здружението на ученички и студентски домови, Дарио Николовски и Стефани Спировска, претседателка на МОФ.

Толеска раскажува за своето искуство со дивите таксисти, за да стигне неколкупати на испит од Прилеп, нејзиниот роден град, до Битола каде што студира на Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Свесна е за ризикот од Ковид 19, но смета дека отворањето на домовите ќе биде од огромна корист за голем дел од студентите.

Правобранителот Петровски пак укажа дека иако студентската организација која ја претставува, стои зад тоа дека полагањето со физичко присуство е подобро решение од онлајн полагање испити, сепак мора да се најде решение за студентите од домовите. Николовски се осврна на тоа колку се подготвени студентските домови за работа во пандемија, додека Спировска говореше за неопходноста факултетите под итно да им излезат во пресрет на студентите кои имаат сериозен проблем физички да стигнат до местото каде се полага испитот во време на Ковид 19.

***Дискусијата е дел од проектот „Студентски домови без корупција“ кој е овозможен со финансиска поддршка на Програмата за поддршка на високото образование на Фондациите Отворено општество, преку Фондацијата Отворено општество- Македонија.