[Видео] Дискусија: Борбата за подобро образование ќе продолжи во септември

Наставниците и родителите треба активно да се вклучат во борбата за подобро образование заедно со средношколците, е заклучокот од дискусијата на Радио МОФ насловена „Турбулентна учебна година – што направивме и што ќе правиме од септември?“

Гости во студито беа професорот од скопската гимназија „Орце Николов“ Душко Стојановски, Симона Туфегџиќ од Средношколски пленум, како и Ирена Јакимова и Јасмина Плунцевиќ – Глигоровска од Родителскиот пленум.

Тие се согласија дека борбата за подобро образование мора да продолжи, исто како и притисокот врз институциите.

„Ние сакаме образованието да биде квалитетна градба, институциите сакаат да биде од гипс картон! Борбата ќе биде беспоштедна. Нема откажување, нема повлекување ние ќе продолжиме онаму каде што застанавме“, најави средношколката Симона Туфегџиќ.

Професорот Стојановски пак посочи дека е неопходна поголема активност и организираност и кај наставниците и кај родителите во однос на образовните реформи, кои според него се лоши за образованието.

„Нашето министерство си е среќно, заврши годината, а дали сме го подобриле знаењето, тоа е друго прашање. Ни „О“ нема од образование. Сега се трча само по оценки“, истакна тој.

Родителите пак беа децидни во ставот дека средношколците и студентите им ги отворија очите на возрасните и истакнаа дека ќе продолжи поддршката која тие им ја даваат на своите деца во борбата за подобро образование.

Целата дискусија погледнете ја во продолжение: