[Видео] Директорот од ЈСП: Новиот систем функционира, патниците да не ги фрлаат електронските картички

Апелирам до корисниците на нашите услуги да не ги фрлаат неперсонализираните електронски картички, туку истите да ги надополнуваат. Картичките не се за еднократна употреба, рече на неколку пати денеска директорот на ЈСП, Игор Јанушев, кој одржа прес-конференција во претпријатието со цел да се решат сите дилеми, шпекулации и дезинформации што се појавиле периодов низ медиумите.

Според Јанушев, новиот систем на ЈСП функционира скоро беспрекорно, со мали недостатоци.

„Се појави вест дека имаме недостиг, дека немаме неперсонализирани картички, па морам да напоменам неколку факти. Системот почна да функционира некаде во август 2015 година. На почетокот на 2016 за прв пат се пуштија во употреба неперсонализирани картички. Во 2016 се продадоа нешто над 33.000 картички. Врз основа на оваа продажба, се направи анализа колку картички треба да има спремно за 2017, кога во системот ги имплементиравме и приватните автобуси.  За таа цел, беа спремни повеќе од 150.000 картички, од кои 30.000 се продадоа само во првите три дена од јануари, во случај кога неделата и понеделникот беа неработни денови. Оваа ситуација не можевме да ја очекуваме, ниту да ја предвидиме низ основа на анализата од 2016“, рече Јанушев пред новинарите.

Според директорот на ЈСП, досега вкупно се продадени 160.000 персонализирани и 210.000 неперсонализирани електронски билети. Тврди дека имаат залихи на картички, а од февруари ќе добијат дополнителни е-билети.

„Доколку се изгуби неперсонализираната картичка, потребно е граѓаните со фискалната сметка да пријават во инфо центрите на ЈСП за да немаат губење на средставата“, вели тој.

„Билетот за десет возења може да се искористи во рок од две недели, поради тоа што граѓаните се привилегирани и едно возење чини 25 денари, односно вкупно чини 250 денари и затоа мора да има ограничување, а тие билети отсекогаш ги користеле оние луѓе кои секојдневно се возат јавниот превоз“, тврди Јанушев.

Во однос на прашањето дали ќе има картички за едно возење, Јанушев пред новинарите го зема својот мобилен телефон и одговори: „Ова е билет за едно возење“.

Според директорот на ЈСП, забележана е значителна бројка на неуспешни трансакции преку мобилен телефон, бидејќи граѓаните не ја активираат услугата на уредот. Затоа, вели тој, како новитет, имале договор со фирмата за овој проблем да се реши на тој начин што повеќе нама да има потреба за активирање на услугата, туку директно со повикување на бројот 185 ќе се изврши трансакцијата. Таа чини 40 денари за едно возење. Тврди дека само за овој месец биле регистрирани 2.000 вакви трансакции.

Досега ваквите трансакции можеа да се извршат единствено преку едем мобилен оператор (Т-мобиле) но, како што рече, веќе имале договор и со Оне.Вип, што би значело дека од февруари-март и нивните корисници би можеле да плаќаат со мобилни телефони.

На новинарско прашање каде се наоѓа фирмата „Гентомар“ која го добила тендерот од ЈСП за да стане мастер дилер за продажба и надополнување на е-картичките за градскиот превоз, Јанушев одговори: „Фирмата не е моја, јас не знам која е фирмата, односно знам која е фирмата, но не знам каде се наоѓа или која е адресата на која може да ја најдете. „Претпоставувам треба да се обратите во фирмата и во Централен регистар за да ја најдете“.

Ова прашање дојде откако НоваТВ објави дека „Гентомар“ е тешко е да се пронајде на Интернет, како и на адресите кои за неа се достапни во Централниот регистар и Електронскиот систем за јавни набавки. Ја нема ниту во телефонскиот именик, каде не може да се најде телефонски број за контакт.