[Видео] Дина Јашари со нов сингл „Градот“ – интимна ода за Скопје

Кантавторката Дина Јашари го објави својот нов сингл „Градот“, заедно со видео спот, со кој официјално го најавува нејзиниот нов звучен израз.

Како што вели Јашари, „Градот“ претставува нова етапа во нејзиното музичко патување, откривајќи свеж звук кој ја зацврстува нејзината позиција на македонската, но и на пошироката балканска музичка сцена.

Според неа, песната е интимна посвета на Скопје, што е вешто пренесено преку визуелниот приказ на автентични локации од градот во видеоспотот, чиј автор е младиот видеограф Доан Акити. Дизајнот во видео спотот е дело на Васил Шемко.

„Посветена на сите луѓе и места, присутни и за жал некои од нив отсутни, што му даваат смисла на ГРАДОТ“, вели Дина за новата песна.

Во видеото се појавуваат и долгогодишните соработници и членови на нејзиниот бенд – Лука Тошев и Драган Теодосиев.

Текстот и музиката за „Градот“ се дело на самата Дина Јашари, додека во аранжманот и се придружуваат Лука Тошев и Драган Теодосиев, продукцијата е на Јашари и Димитрије Марковиќ, миксот е на Драги Иванов а мастерингот на Roy Recklies.

„’Градот’ е достапен на сите дигитални платформи, а нови песни се очекуваат наскоро, носејќи уште повеќе искрени приказни и современи звуци што го рефлектираат растот и визијата на оваа извонредна млада артистка“, стои во соопштението.