Проблемите со кои се соочуваат граѓаните во образовниот процес, како до поголема инклузивност и градење активни граѓани и што треба да се промени за поголема поддршка на сиромашните семејства во образовниот процес, беа дел од темите на кои се дискутираше на отворената дебата насловена „Пристап до образование“, која вчера беше организирана од Македонската платформа против сиромаштија.
Фатма Бајрам Аземовска од Здружението СУМНАЛ, која зборуваше за образовните програми развивани од граѓанскиот сектор, потенцираше дека за справување со дискриминацијата потребна е социјална инклузија од најрана возраст и еднаков старт за децата.
„Секогаш велиме дека ние може да се интегрираме само преку образование. Често и во училиште децата се соочуваат со дискриминација. Имаме таков пример и со училиштето во Битола, каде не сакаат да учат со ромски ученици. Кога го отворивме нашиот центар помислија дека тоа е центар само за ромски деца, што никогаш не сме го рекле. Но, во поново време, во нашиот центар доаѓаат деца и од различни националности и тука веќе ги рушиме стереотипите и предрасудите и им даваме можност на децата од најрана возраст да видат дека нема разлики меѓу нив доколку ние ги подготвиме. Доколку им дадеме еднаков старт, тие немаат проблем да седат во иста клупа во прво одделение“, рече Бајрам Аземовска.
„Факт е дека најлесен пристап до младите луѓе е преку процесот на формалното образование и ако сакаме да почнеме да градиме активни млади луѓе, тоа мора да се случува уште во самиот процес на образование преку најразлични активности. Запознавање на концептот на демократија, критичко и аналитичко размислување и млади кои ќе ги поттикнуваме да бараат повеќе и да знаат кои се нивните права. Сите овие работи кои ги правиме, или треба да ги направиме, се во насока на градење млади луѓе кои ќе бидат активни и понатаму, не само што ќе ги препознаваат неправдите во општеството, туку ќе гледаат и простор во кој ќе може да се напредува и ќе знаат како да направат чекори кои ќе не однесат во подобро општество“, посочи Стефани Спировска од Младинскиот образовен форум.
Никола Нешковски од Здружението Еко Логик порача дека во иднина, во образовниот систем, е потребно да се спојат придобивките од формалното и неформалното образование.
„Ако денеска некој ме праша дали повторно би се запишал на факултет, категорично би рекол не. Не дека студиите не беа квалитетни, но ова што го работам во моментов, како дел од Еко-Логик, 90 проценти од знаењето ми е од неформалните тренинг курсеви низ Европа и Македонија. Зошто ние тука да не направиме младите да се „тепаат“ да одат на факултет поради тоа што е интересна програмата, а не затоа што таа тема е битна во моментот, како што имавме експанзија на економисти, а сега имаме на ИТ секторот. Да видиме што ни треба нас во иднина, да не се заобиколува формалното образование и да се спои неформалното со формалното образование“, објасни Нешковски.
Заменик министерот за образование и наука, Петар Атанасов, истакна дека политиките во македонскиот образовен систем доцнат зад младите.
„Децата отидоа напред, а ние сме зад нив. Децата ни бегаат филозофски, психолошки, медиумски и дигитално и потоа, на крајот од тие мали бегства, си одат и го напуштаат просторот. Ние мораме првин да ги стигнеме децата во образовниот систем. Да им дадеме дигитализација и дигитални вештини, да ги научиме како да комуницираат, што да читаат, што е знаење и како да учат… Ние ништо од ова немаме направено или имаме многу малку ако резултатот е две-третини нефункционална младина што поминала низ образовниот систем“, рече Атанасов.
Дебатата беше организирана на Меѓународниот ден на демократијата, 15-ти септември, а од Македонската платформа против сиромаштија изјавија дека аргументите од дискусијата ќе бидат дел од препораките и заклучоците со кои македонска делегација ќе биде дел од годинешниот европски состанок на лица кои живеат во сиромаштија и социјална исклученост кој се случува во Брисел, на кој ќе се дискутира за заедничка европска политика за образование.