[Видео] Центарот на Лондон во хаос поради штрајк на вработените во метрото

24-часовниот штрајк на Лондонското Метро утрово предизвика огромни гужви и сообраќајна блокада во центарот на главниот град на Англија. Милиони жители се соочија со редици додека се обидуваа да стигнат до своите работни места. Скоро сите станици во централната зона се затворени поради незадоволство на вработените од отпуштања во овој сектор.

Штрајкот е дел од спорот на вработените, синдикатите и властите поради влијанието на затворањето на околу 900 работни места, во склоп на планот на „модернизација“ на Лондонското Метро, кое започна уште под претходниот градоначалник Борис Џонсон.

A photo posted by Karla Whitney (@kdw1982) on

Повеќе од 4 илјади вработени на станиците и во продажбата на билети се вклучени во спорот. Синдикатите сметаат дека се работи за сигурноста на патниците, бидејќи преку намалување на вработеноста се оштетуваат позициите кои ја надгледуваат безбедноста и помагаат во инцидентни ситуации.

Ставот на Лондонското Метро е дека намалувањето на работните позиции е обид да се заштедат средства, за да не мора да поскапат цените на билетите.

Преку Твитер, градоначалникот на Лондон Садик Кан, за штрајкот рече дека е „целосно непотребен“ и дека „предизвикува мизерија за милиони лондончани“.

Лондонското Метро е најстарата светска подземна сообраќајна мрежа отворена во 1863 година и годишно пренесува околу 1,35 милијарди патници.